Сè што мислиме дека знаеме за среќата е погрешно

Среќата често за нас е нешто што ќе го добиеме или постигнеме – партнер, работа од соништата, куќа, поголема плата и тн.

Според ваквото размислување, штом постигнеме една цел, време е за нешто ново... и така без крај. Општеството постојано ни вели дека штом ќе постигнеме личен успех ќе бидеме среќни, но тоа е лага вели Стефани Харисон, автор на книгата „ Новата среќа”.

Таа ја има развиено филозофијата за новата среќа за време на своите студии на Универзитетот во Пенсилванија. Според неа, интересно е тоа што најголем дел од нашите верувања за среќата не доаѓаат од нас самите, туку од општеството. Па така, таквите верувања имаат големо влијание на она што го размислуваме, перцепираме и правиме. 

Според неа, главниот проблем лежи во тоа што голем дел од луѓето немаат дефиниција за среќа, ниту пак како таа влијае на нас. Ако имаме сосема нереални очекувања од среќата, тогаш сосема очекувано е постојано да се разочаруваме. Според концептот на размислување кој е наметнат од општествените ставови, ние постојано трагаме кон нешто ново, но тоа е круг без крај. Но, наместо тоа, штом седнеме и се прашаме која е нашата суштина,што нам нè прави среќни и како да стигнеме до тоа, тогаш добиваме поинаква перспектива, вели Стефани.

Стефани посочува дека стариот концепт на размислување ни вели дека што и да направиме не сме доволно добри и така постојано треба да се трудиме да станеме вредни. Но, тоа создава голема болка кај луѓето. Луѓето се осамени и несреќни насекаде во светот, а ретко се зборува на оваа тема.  За да бидеме среќни, треба да се чувствуваме корисни, да работиме на себеси, да соработуваме со другите, да ги користиме срцето, умот, рацете, енергијата и гласот. Но, за почеток треба да го стишиме нашето его. 

Тивкото его ни помага да покажеме емпатија и разбирање кон другите, да бидеме помалку критични кон себеси, но и да учиме од грешките. Тоа понатаму помага за градење позитивни емоции, нè поврзува со другите и ни носи чувство на припаѓање, наместо она постојано чувство дека што и да направиме секогаш сме сами.

Заклучокот е дека среќата треба да се гледа како нешто повеќе од емоција која ја имаме кога ќе направиме нешто правилно. Таа е во малите навики, во постоењето кое е поврзано со она што ни значи, во емоциите кои ги доживуваме преку малите нешта.