Се сервисираат апаратите за компјутерска томографија во Радиологија, пациентите се упатуваат во други установи

Во Универзитетскиот институт за радиологија во тек е сервисирање на апаратите за компјутерска томографија кои се во дефект, соопшти Министерството за здравство.

фото

Од Министерството велат дека се прават напори апаратите што побрзо да бидат вратени во функција. 

Додека трае сервисирањето, пациентите на кои им е потребна КТ-дијагностика се упатуваат во други здравствени установи во Скопје. Министерството соопшти дека од почетокот на неделава е направена привремена реорганизација за да се обезбеди континуитет во здравствената заштита, особено за итните пациенти.

КТ-снимањата се вршат во Градската општа болница „8-ми Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Во „8-ми Септември“ снимањата се организирани од 08:00 до 14:00 часот и од 20:00 до 02:00 часот, додека во „Св. Наум Охридски“ се вршат од 14:00 до 20:00 часот и од 02:00 до 08:00 часот. 

Од Министерството нагласуваат дека оваа организација е привремена и ќе важи додека апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија повторно не бидат ставени во функција. За евентуални промени и враќање на редовниот режим, здравствените установи и јавноста ќе бидат дополнително информирани. 

Министерството дополнително соопшти дека се разгледуваат можности за обезбедување термини и во други јавни здравствени установи.