Се сечат тополи и суви дрва во Градски парк

Во изминатиот период во вториот дел на Градскиот парк исечени беа неколку суви дрвја, според планот за одржување на јавните зелени површини. Видот на дрвјата кои најмногу се сечат во Скопје, веќе неколку години се тополите, чие влијание на околината е оценето како неповолно. 

Во изминатите 8 години на територијата на Град Скопје исечени се вкупно 800 тополи, со што бројот на стебла од овој вид во урбаните градски подрачја е сведен на само 70. Преостанатите тополи се вметнати во планот за сечење за оваа година. Тополите предизвикуваат алергии и немаат апсолутно никакво позитивно влијание на околината, па како такви се оценети како непотребни. Покрај тополи во моментов се сечат и суви дрвја кои претставуваат потенцијална опасност. 

За сечење на тополите и сувите дрвја не постои потреба од никаква документација, велат од ЈП „Паркови и зеленило“. При секое сечење на двра присатен е претставник од Секторот за комунални работи од Град Скопје. 

-Според програмата за оваа година имаме предвидено 4.040 високо квалитетни садници да ги увеземе и да ги посадиме. Во текот на есенската акција засадивме 2.020 увезени садници и 3.000 произведени во расадникот на Јавното претпријатие, истакна првиот човек на ЈП „Паркови и зеленило“ Авировиќ.

Садниците ќе бидат посадени во урбаните средини и дека во план е подготовка на Програмата за пошумување на парк шумата Водно и паркот на природата Гази Баба. Директорот информираше дека од деградираните дрва Јавното претпријатие трпи големи штети, а најчесто од паднатите дрвја од појавата на невреме кое се почесто се случува во Скопје.

-Доколку некое дрво падне врз некое возило и тоа е означено за сеча, целокупната штета паѓа на товар на Јавното претпријатие, истакна Авировиќ и појасни дека доколку дрвото не е обележано, а падне врз возило, тие ќе побараат информација од УХМР за брзината на ветрот и доколку тој е над 80 километри на час штетата ја презема „Комунална хигиена“. Минатата година Јавното претпријатие исплатило 960 илјади денари обесштетување за паднати дрва врз возила.