Се реконструираат неколку улици во Центар

Започнува реконструкцијата на улиците „Дебарска“, „Црвена Вода“ и „Партизанска“ во Дебар Маало, известува градоначалникот Герасимовски.

Трите улици ќе добијат нов коловоз, со вкупна површина од 3450 м2 и нови рабници, во вкупна должина од 1350 метри, со што значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот во овој дел од Центар, истовремено водејќи сметка за пешаците и велосипедистите.

Притоа, Герасимовски најавува дека веднаш штом завршат работите на овие улици, ќе се посветат и на други во реонот.

- Со реконструкцијата планираме да бидеме готови до крајот на мај, а веднаш потоа започнуваме реконструктивни зафати и на улиците „Петар Поп Арсов“, „Рајко Жинзифов“, „Ристо Шишков“ и „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ - напиша тој.