
Денеска градоначалникот Дејан Митески ги посети детските градинки „Буба Мара и „Срничка“ каде што летниот период се користи за нивно уредување и каде што деновиве се работи со полна пареа.
Како што информираше тој во објава на социјалните мрежи, по цели 30 години, за првпат се спроведува поголема реконструкција на главниот објект на градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче. Покрај молерисување и други тековни активности, во дел од просториите се врши целосна санација на ѕидовите, се замени подот, а се поставува и нов современ мебел за безбеден престој на најмалите.
Исто така, активности за тековно уредување се спроведуваат и во градинката „Срничка“. Покрај тоа, во објектот „Чекорче“ во населба Јане Сандански за прв пат е отворен ресурсен центар со современа сензорна соба.
„Овој мултисензорен простор е наменет за индивидуален пристап и стимулација, овозможувајќи поддршка за децата со различни развојни потреби. Опремен е со дидактички и рехабилитациски материјали кои го поттикнуваат моторниот и сензорниот развој, ја подобруваат координацијата, вниманието и сликата за себе, информираше Митески.
Во објектот „Црвенкапа“ во Стар Аеродром, пак, поради големата потреба за згрижување деца од јаслена возраст, во фаза е подготовката на уште една воспитна група за деца од 18 до 24 месеци. Ходниците, мебелот и просторијата се адаптираат на потребите на децата од најраната возраст за да им се овозможи лесна адаптација и пријатен престој.