Се реконструира пешачката патека на „Партизанска“ кај Палма

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска информираше дека се врши реконструкција на пешачката патека на булеварот Партизански одреди на потегот кај слаткарницата Палма каде што имаше огромни дупки кои претставуваа опасност за пешаците, мајките со колички со деца, инвалиди и велосипедистите.

Реконструкцијата на патеката се врши со средства од општинскиот буџет, поради бројните поплаки на граѓаните во изминатите осум месеци, иако патеката не е во надлежност на општина Карпош.

-Граѓаните реагираат за дупките на оваа патека на булевар Партизански одреди. Осум месеци препраќаме барања до надлежните кои го имаат правено овој дел, односно работеле на канализацијата и санацијата на водоводната мрежа, но осум месеци немаме одговор. Еве вистински пример каде општината работи нешто што вистински не е нејзина работа и троши пари за нешто што не е нејзина работа, меѓутоа граѓаните осум месеци реагираат на огромните дупки. Апелирам секој да си ја врши својата работа за да може да функционираме сите заедно онака како што треба во интерес на граѓаните, изјави Јакимовски.