Се реконструира објектот „Искра“ во Гази Баба

Почна реконструкцијата и санацијата на објектот „Искра“ во градинката „25 Мај“ во општина Гази Баба. Објектот е изграден во 1965 година, а во него престојуваат 120 деца.

Увид во градежните активности денеска изврши градоначалникот Тони Трајковски, кој информира дека е планирана комплетна замена на покривот или околу 800 метри квадратни.

Предвидена е замена на прозорците со енергетски ефикасни, комплетна санација на подовите и замена на котелот за парно греење од нафта на пелети. Работите ќе се изведуваат во две фази, а санацијата и реконструкцијата на објектот се планира да се завршат до крајот на летниот период.

Работите ги изведува фирмата „Ингрес“, а за санацијата и реконструкцијата на објектот „Искра“ предвидени се околу 2,8 милиони денари.