Се раскинуваат договорите за концесија за седум мали хидроцентрали во Шар Планина

Денеска на владина седница беше усвоена информацијата во врска со статусот на договорите за концесија на малите хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување на Национален парк Шар Планина. Иницијативата за ваквата активност е на министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

Со информацијата се опфатени шест мали хидроелектрични централи, кои нема да се реализираат, информира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

-Опфатени се шест мали хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во Националниот парк Шар Планина, кои нема да се реализираат. Се работи за МХЕ  Љуботенска бр.66, МХЕ Љуботенска бр.67, Беловишка бр.107, Пена бр.82, МХЕЦ Лешочка 100 и Лешочка 101 - се вели во соопштението. 

Со посебна информација, како што информира Министерството, доставен е и предлог за спогодбено раскинување на Договорот за концесија за  МХЕЦ Шеличе со реф.бр. 91,  лоцирана на подрачјето на НП Шар Планина, во зоната на одржливо користење, при што е постигната согласност на Концесионерот да му се врати уплатениот концесиски надоместок.