Се расчистуваат од снег улиците и тротоарите во општина Бутел

Екипи на општина Бутел во текот на денов ќе работат на дополнително расчистување на снегот во Љубанци, Љуботен и Визбегово.

Општина Бутел соопшти дека во изминативе три снежни денови максимално се работи на отстранување на снегот и оспособување на сите улици за непречено одвивање на сообраќајот.

На терен се излезени екипите на „Енергомонт Скопје“, фирма задолжена за зимско одржување на сообраќајниците, како и тимот од работници на комуналната служба на општина Бутел.

Постојано на терен се два камиона, една соларка и еден липкер за товарање на солта. Во изминативе три дена фрлени се преку 60 тони индустриска сол на улиците што се во надлежност на општина Бутел. Интервенирано е на повеќе од 16 улици, како и на патните правци кон Љубанци и Љуботен. 

Работниците од комуналната служба на општината работат и на расчистување на сите тротоари и приоди кон градинките, училиштата, пазарот, трговскиот центар и останатите јавни установи.

Од општина Бутел апелираат до граѓаните да ги расчистуваат пристапите кон своите домови и деловните објекти.