Се прави нов парк на последна “41” во Драчево

Комплетно ќе се промени ликот на локацијата во близина на улицата “Герника” во селото Драчево, каде се наоѓа последната постојка за автобусот “41”. Таму несовесни граѓани масовно фрлаат отпад и создаваат депонија од градежен шут.

Од општина Кисела Вода велат дека одлучиле ова место да го облагородат и култивираат, односно на оваа локација да се изгради парк кој ќе биде пријатно место за одмор и рекреација на жителите од овој дел од градот.

– Сметаме дека ако го оплемениме просторот ќе направиме амбиент таму повеќе да не се фрла шут. Во моментов таму има градежни активности, се прави целосно нов парк со патеки, се засадуваат дрвја и целосно хортикултурно уредување. Општината ги прави пешачките патеки, а ЈП”Паркови и зеленило” хортикултурно ќе го уреди.

Просецот на санација на депонијата веќе е во тек. Градежна фирма, по налог на општина Кисела Вода веќе интензивно работи на расчистување, култивирање и партерно уредување на локалитет кој се протега на 5.000 квадратни метри.

Финализацијата на новиот парк ќе се заокружи со поставување на нова урбана опрема – вели градоначалникот на општина Кисела вода, Филип Темелковски.

Од општината се надеваат дека оплеменувањето на просторот ќе придонесе во подигнувањето на свеста на граѓаните и дека тие ќе бидат активни чинители во зачувувањето на животната средина, на нивното животно опкружување.

Само за потсетување, во изминатата година општина Кисела Вода преку бројни акции собра преку 1.100 тона отпад од својата територија. Од нив, тристотини тони отпад беа собрани од дивите депонии.