Сѐ повеќе бракови во Македонија завршуваат со развод. Иако некогаш тие се сметаа за вечни, сепак статистиката го потврдува овој тренд.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период претходната година. Истовремено, бројот на склучени бракови се намалил за 14,7%, односно биле регистрирани 2.430 бракови.
Освен разводите, тука е и сè помалиот број на раѓања - континуирани демографски промени, кои во иднина може да имаат сериозни социоекономски последици во македонското општество.
На оваа тема разговараме со Јована Затаракоска, лиценциран психолог и системски и семеен психотерапевт.
Работите како семеен и системски психотерапевт. Конфликтите во бракот и семејството, но и разводот како кулминација и една голема животна одлука не ви се непознати. Бараат ли често Македонците стручна помош при решавањето на проблемите во партнерските врски или тоа се уште е табу тема?
Можам да кажам дека во последно време се забележува позитивен тренд – сè повеќе луѓе се охрабруваат да побараат стручна помош за предизвиците во партнерските односи. Сепак, кај многумина оваа тема останува табу. Традиционално, нашите сограѓани повеќе се потпираат на совети и поддршка од семејството, пријателите или на сопствените снаги кои се одлични ресурси кога се соочуваат со брачни и семејни кризи. Често, разговорот со психотерапевт се доживува како знак на слабост или се поврзува со идејата дека „работите веќе немаат спас“.
Сепак, радува фактот што свеста постепено расте, особено кај помладите генерации. Сè повеќе се зборува за важноста на емоционалното здравје и се препознава дека навремената стручна поддршка може да направи разлика – било да помогне во зачувување на врската, да ја подобри комуникацијата меѓу партнерите или, пак, да го направи разводот помалку болен и поконструктивен процес, доколку тој е неизбежен. Конфликтите во бракот и семејството се нормален дел од животот – она што е клучно е начинот на кој се решаваат. Кога партнерите се соочуваат со тешкотии да најдат заеднички јазик, а емоциите стануваат интензивни, психотерапијата може да понуди свежа перспектива и практични алатки за подобрување на односите. Најважно е да се разбере дека барањето помош не е показател на слабост, туку храбар чекор кон подобрување. Сепак, свесна сум дека тој прв чекор често е и најтешкиот.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период претходната година. Како го оценувате овој податок? Дали можеби е тренд, станаа ли луѓето „со краток фитиљ“ со оглед на стресните околности, не знаат ли сами да се снајдат во комплексните врски... или можеби има некоја друга причина?
Зголемувањето на разводите за 23,9% е впечатлив податок кој бара подлабоко разгледување. Овој тренд може да е резултат на повеќе фактори, а не да се сведе само на „краток фитиљ“, нетрпеливост или неможноста луѓето сами да се снајдат во сложените партнерски односи. Современиот начин на живот носи значителен стрес – економска несигурност, професионални притисоци, па дури и влијанието на социјалните мрежи – сето тоа може да ги оптовари врските. Овие стресори често ги прават луѓето помалку трпеливи, па наместо да вложуваат време и енергија во решавање на проблемите, тие побрзо се одлучуваат за разделба. Од друга страна, општествените ставови се менуваат.
Традиционалните вредности поврзани со бракот и стравот од осуда сè повеќе губат на важност. Луѓето стануваат посвесни за своите потреби и почесто го гледаат разводот не како срам, туку како можност за нов почеток. Секако и поголемата информираност овозможува партнерите полесно и поконструктивно да излезат од незадоволителни врски. Сепак, зголемениот број разводи не значи дека луѓето не знаат да се снајдат во врските. Напротив, може да укажува на поголема самосвест и јасност околу сопствените граници и очекувања. Клучниот предизвик кој останува е како да се изгради здрав и стабилен однос способен да ги надмине животните тешкотии. Тука комуникацијата, емпатијата и меѓусебното почитување играат незаменлива улога.
Колку е важна комуникацијата во една брачна заедница? Што кога интересот за комуникација не е обостан?
Може да се каже дека комуникацијата е темелот на секој здрав и успешен брак. Комуникацијата не подразбира само размена на зборови, туку во себе ги вклучува и разбирањето, почитувањето и подготвеноста да се слушне партнерот. Партнерите можат да ги решат недоразборањата кои настануваат преку искрен и отворен дијалог, да ги изразат своите потреби, да споделат како се чувствуваат и да ја зајакнат и емоционалната поврзаност.
Кога интересот за комуникација не е обостран може да биде навистина голем предизвик. Ако едниот партнер постојано се труди да зборува, а другиот избегнува разговори или ги минимизира проблемите, тоа може да создаде фрустрација, дистанца и меѓусебно незадоволство. Кога интересот за комуникација не е обостран, важно е да се истражат причините. Дали можеби е желбата или избегнувањето за комуникација поттикната како резултат на стрес, потиснати емоции, страв од конфликти, искуство од минати слични ситуации. Важно е да се разбере коренот на проблемот. Многу често и изборот на зборови на оној кој сака да комуницира е нешто што е важно во вакви ситуации, пример наместо „Ти никогаш не зборуваш со мене!“ да биде „Ми значи кога разговараме затоа што така се чувствувам поврзано со тебе“, што значи наместо со обвинувања, да се пристапи со емпатија и јасно да се искаже зошто комуникацијата е важна. Сепак, ако комуникацијата е сериозно нарушена и партнерите не успеваат да најдат заеднички јазик, стручната помош, како партнерската психотерапија, може да понуди поддршка и нови перспективи. На крајот, здрав брак бара ангажман од двајцата – подготвеност да се слуша, да се зборува и да се работи заедно на односот. Комуникацијата не е само алатка, туку и огледало на посветеноста во врската.
Кој е вашиот пристап на работа со поединци и/или парови кои сакаат да стават крај на својот брак? Кои се првите совети кои ги добиваат од Вас? Колку сеанси се потребни приближно, иако е индвидуално?
Како семеен и системски психотерапевт, мојот пристап кон поединци или парови кои размислуваат за развод е холистички и насочен кон разбирање на нивните емоционални, психолошки и релациски потреби. Разводот е сложена одлука, па затоа работам внимателно, фокусирајќи се на причините што довеле до оваа точка – дали станува збор за долготрајни конфликти, недостаток на комуникација, неверство, емоционална дистанца или нешто друго.
Ова помага да се утврди дали постои простор и желба за спас на бракот или разводот е најдоброто решение. Со клиентите истражуваме што се крие зад нивните чувства – гнев, тага, вина или разочарување – и ја анализираме динамиката на односот. Ако постои можност за обнова, работиме на подобрување на комуникацијата, воспоставување граници и зајакнување на меѓусебното разбирање. Ако разводот е неизбежен, целта е тој да се спроведе конструктивно и здраво, особено кога се вклучени деца.
Често ги советувам клиентите дека емоциите може да бидат силни, но е важно да се направи простор за размислување и согледување на ситуацијата. Да не носат одлука во афект. Доколку има деца во бракот, секогаш напоменувам дека разводот не значи крај на родителството, туку трансформација на семејната динамика. Дека партнерите може да престанат да бидат партнери, но секогаш ќе останат родители. Исто така, ги охрабрувам да не се плашат да побараат поддршка – било од мене или од други ресурси. Што се однесува до бројот на сеанси, тој е индивидуален и зависи од сложеноста на ситуацијата. Не постои фиксен број – некои парови напредуваат за неколку средби, додека други имаат потреба од подолг процес. Клучно е да се почитува ритамот на клиентите, градејќи доверба и овозможувајќи им да се движат низ процесот со интензитет што им одговара.
Во кои случаи според Вас разводот е оправдан?
Како психотерапевт, мојата цел не е да ги убедувам партнерите да останат заедно или да се разделат, туку да им помогнам да донесат зрела, автентична и здрава одлука за нив. Разводот е длабоко лична одлука и никогаш не треба да биде лесно донесена одлука, но во одредени ситуации тој е здрав, неопходен и оправдан чекор, пример кога бракот предизвикува повеќе болка отколку среќа – ако партнерите се чувствуваат несреќни, депресивни или живеат во постојан стрес и конфликт. Останувањето во таква врска често носи повеќе штета отколку добро, не само за нив, туку и за децата, доколку ги има. Она што е важно е да се пристапи со свесност, да не се носи одлука во афект и доколку е можно, да се заврши бракот со почит и зрелост.
Како да се продолжи понатаму, особено во семејствата каде има деца? Верувам дека ќе се согласите дека теоретските совети се издржани, но во пракса се јавуваат низа потешкотии...
Се согласувам – теоријата звучи логично, но практиката е многу посложена. Разводот, особено кога се вклучени деца, не е само правен чин, туку длабок емоционален и животен процес кој бара трпение, зрелост и свесност.
Прво, важно е да се признаат и обработат емоциите – тага, лутина, вина – и кај родителите и кај децата. Децата често не знаат како да ги изразат своите чувства и може да реагираат со повлекување, нервоза или анксиозност. Родителите треба да им покажат дека е нормално да се чувствуваат така и да им дадат простор и поддршка. Иако бракот завршува, родителството продолжува засекогаш. Тоа значи дека поранешните партнери мора да изградат соработка фокусирана на доброто на детето – без префрлања, манипулации или натпревар за наклонетост. Конзистентноста во правилата и рутината меѓу двата дома е клучна за децата да се чувствуваат сигурно. Разводот е загуба – на семејната целина, на заедничките навики, на познатото. Но, по таа загуба следи нов почеток.
Родителите треба да им покажат на децата дека животот може да продолжи и да биде добар, иако поинаков. На почетокот, сè може да изгледа хаотично – нови распореди, живеалишта, поделено време – но со добра комуникација меѓу родителите, стабилноста постепено се враќа. Рутината и предвидливоста им даваат на децата сигурност, што е особено важно во овој период. Кога емоциите или ситуациите стануваат претешки, кога постојат несогласувања помеѓу родителите, стручната помош – како разговор со психотерапевт, групи за поддршка или детски психолог – може значително да го олесни прилагодувањето. Како психотерапевти, често работиме со родителите и во периодот по разводот, помагајќи им при усогласување на родителските стилови, дефинирање цели и создавање услови кои се најдобри за децата. Продолжувањето напред не е лесно, но е возможно. Со време, емпатија и фокус на љубовта кон децата, и возрасните и децата можат да создадат стабилен и исполнет живот по разводот. Клучот лежи во зрелоста и посветеноста да се стави доброто на децата пред личните конфликти.