Се повеќе млади луѓе во Македонија се дрогираат - од розовата таблета „редбул“ во соседството четворица починаа за еден месец

Се стравува дека овие таблета се лесно достапни и на нашиот пазар. Има ли државата систем да спречи ширење и кај нас? Статистките поразителни: Се повеќе млади луѓе во Македонија се дрогираат...

За еден месец починаа четворица млади луѓе од Србија од предозираност со новата смртоносна екстази розова таблета „редбул“, која од неодамна се појави кај нашиот северен сосед. Овој тип таблети пристигнале во Србија од лаборатории за синтетички дроги во Кина, а само една доза е пет пати посилна од претходно откриените видови на овој наркотик.

Според фармаколозите, единечна доза од оваа дрога може да предизвика кома, а потоа смрт. бидејќи содржи исклучително големи количества екстази.

Српските медиуми објавија дека на 5 јули  во Белград од предозираност со екстази (МДМА) починала 21-годишна девојка, четврта жртва за само еден месец во Србија. Само неколку дена претходно од предозираност починал нејзиниот 17-годишен другар. Девојката вечерта на својот фејсбук-профил споделила песна и статус „ајде на журка, да гори вечерва“. Првичните резултати од истрагата биле дека девојката зела екстази и починала по само неколку минути откако ѝ се слошило.

Екстази-апчињата се најпопуларни и најдостапни меѓу младите луѓе, а цената во Србија изнесува од 500 динари за таблета.

Како што пишуваат српските медиуми, цената на психотропните супстанции во Србија никогаш не била пониска, а уште поевтини се во помалите места. За младите луѓе што се вработени ова не претставува речиси никаков трошок, но екстазите може да си ги дозволат и средошколците, а за жал и основците.

Дополнителен проблем е што таблетата се прави многу лесно, па секој може да ја произведува. „Нема да се изненадам ако се открие дека и во Белград има стотина мали лаборатории за производство на синтетички дроги“, вели соговорник за српските медиуми.

Најчесто овие таблети се прават во вид на лого на некои од познатите брендови. Дури и половина од оваа таблета може да биде фатална ако се консумира со алкохол или заедно со друга дрога. Некои таблети имаат дури 300 мг МДМА, односно три пати повеќе од безбедносната доза.

Новата дрога е многу опасна, а истовремено и многу популарна меѓу младите бидејќи има пролонгиран ефект. Нејзините ефекти траат до осум часа. Клиничките испитувања покажале дека дозите од 75 мг активна супстанција МДМА пронајдени во обично екстази не се смртоносни. Сепак, ова не може да се каже за новооткриените таблети што ја поплавија Србија.

Најмногу ги има по клубовите, каде што може да се купи една таблета за 10 евра. Оние што немале претходно искуство со дрогата по една доза паѓаат во транс, се тресат, имаат напади што наликуваат на епилептични, по што настанува кома и смрт! Од друга страна, оние што употребуваат синтетички дроги веќе некое време го избегнуваат „редбул“ или земаат помалку дози- половина или една четвртина од таблетата.