Се потроши серумот против беснило во болниците, бидејќи има голем број на каснати од кучиња

Скопјани кои поради каснување од куче побарале медицинска помош на скопските клиники, велат дека не можеле да добијат серум против беснило бидејќи го нема на Клиниката за инфективни болести. Од таму ги препратиле во Градската општа болница „8 Септември“, но и таму немало, по што се обиделе да купат и во аптека, но добиле одговор дека воопшто нема серум во целата земја, дознава СДК.

Скопјанец кој викендов бил искасан од кучиња додека се шетал по кејот на Вардар во центарот на градот, вели дека откако раната му била санирана во Ургентниот центар на скопските клиники, го препратиле на Клиниката за инфективни болести за да прими антитетанус вакцина и серум против беснило. Тој барал од серумот во многу аптеки, но не можел да најде.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје  велат дека минатиот месец биле прегледани и третирани 95 пациенти каснати од кучиња и дека во овој период ги потрошиле резервите од вакцини и серум.

„Во овој период на Клиниката беа потрошени резервите за вакцино и серопрофилакса за тетанус (ампули теталпан , ампули тетабулин), а нивната набавка како и за сите лекови оди со тендерска постапка. Во овој период не сме во можност да распишеме тендер за набавка на истите, и се обративме до Министерството за здравство каде од државните резерви ќе биде надополнет овој дефицит, со што пациентите ќе може по индикација да ја примаат наведената терапија“, велат од Клиниката за инфективни болести.

Од инфективното одделение на Градската општа болница „8 Септември“ велат дека антитетанус вакцина имаат, но дека последните две недели ги потрошиле сите резерви на серум против беснило.

„Нема ниту кај нас, ниту на Инфективна клиника. Како што ми кажуваат колегите, има мали количини во болниците во Куманово, Тетово и Гостивар. Секојдневно имаме од еден до тројца пациенти каснати од куче, а од јануари до крајот на октомври сме третирале 317 пациенти каснати од куче, а 210 третирани се и со серумска профилакса“, вели д-р Пецо Илиевски, началник на инфективно одделение во „8 Септември“.

Од Инфективна клиника велат дека секој пациент кој е каснат од куче по прегледот од лекар се проценува дали за санација на раната е потребно хируршки да се обработи или е доволна само една тоалета.