
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски информираше дека се поставува атмосферска канализација на улицата „Воин Драшкоци“ во населбата Хром.
„Продолжуваме со подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Ѓорче Петров. На улицата „Воин Драшкоци“ во Хром се поставува атмосферска канализација на делница долга еден километар, со ширина на улицата од седум метри“, истакна Стојкоски.
Тој посочи дека со овој зафат се решава долгогодишен проблем со одведувањето на атмосферските води и се подобруваат условите за жителите во овој дел од населбата.
„Инвестициите во комуналната инфраструктура се основа за поквалитетно и побезбедно секојдневие на граѓаните. Продолжуваме со реализација на инфраструктурни проекти низ општината“, порача градоначалникот.