Се поголем број македонски граѓани ги носат своите деца на вакцинација во соседна Србија. Како што велат дел од родителите, нивните деца имаат право да бидат имунизирани на модерен начин и да ја примат петвалентната вакцина што во земјава се уште не е воведена.

Новата вакцина во Србија од неодамна е ставена на календарот за имунизација и таа штити од разни заразни заболувања како што се детска парализа, дифтерија, туберколоза, голема кашлица, воспаление на мозочната обвивка (менингитис) и против бактеријата Хиб-а (Хаемопхилус инфлуензае тип б), која штити од инфекција на уво, нос, грло, горните респираторни патишта, пишува Вечер.

Вакцината е производство на Санофи Пастер од Франција и како што пишуваат српските медиуми тоа е веќе гаранција за квалитетот. Српските граѓани вакцината ја добиваат бесплатно на товар на Републичкиот фонд за здравствено осигурување

И од македонското Министерство за здравство ја потврдија оваа актуелна состојба. Тие располагаат со неофицијални информации дека е забележана оваа појава, но дека имаат сознанија оти некои од граѓаните петвалентната вакцина ја набавуваат и од соседна Грција. Вакцината може да се купи слободно во аптеките и во Грција и во Србија.