Се подготвува тендер за вториот дел од автопатот Скопје – Блаце, ќе се обновува постојниот пат

За  автопатот Скопје – Блаце претстои тендер за избор на изведувач на втората делница, а ресорниот министер Благој Бочварски очекува активности на терен наредната година доколку биде успешна тендерската постапка. Се работи на првиот дел од автопатот, а за постојниот пат Скопје-Блаце е избран изведувач за обнова поради лошата состојба.

-Во однос на автопатот Блаце јас веќе информирав дека првата делница веќе се гради, за втората делница веќе привршуваат првите постапки и очекуваме во текот на наредниот период да се распише тендерската постапка. Таму сумата на проектантската вредност е некаде над 190 милиони евра. Тоа е голема сериозна инвестиција на доста тежок терен и очекувам дека во текот на наредната година, доколку биде успешна постапката за избор на изведувач, веќе ќе имаме активности и на втората делница, а ќе очекуваме и завршување на првата делница со што тие над 12 километри до Обиколница Скопје ќе влезат во комплетна реорганизација на теренот. Веќе имаме избрано изведувач и за рехабилитација на постоечкиот пат Скопје – Блаце којшто е во една полоша состојба, изјави Бочварски.

Целта на активностите, како што посочи, е патната инфраструктура да се доведе до ниво какво што заслужуваат граѓаните.

-Оние чекори коишто биле изгубени во минатото денеска ние еве чекор по чекор и во најголемата криза ги враќаме. И не само со овој патен правец, туку и со патниот правец на Коридорот 10Д од Градско кон Дреново – Фариш, Фаришката Клисура, Плетвар и сите останати патни правци со цел да се подобри сликата на инфраструктурата - рече Бочварски.