Женственоста низ времето се поистоветувала со нежност, кроткост, послаб физички капацитет. Денес нештата се менуваат!
Имаме сѐ повеќе жени со мускули, во вистинска и преносна смисла!
Жени кои имаат мускули на телото, но и „ментални“ мускули да се изборат за своето место под сонцето и да се носат со сите предизвици со кои се соочуваат на патот кон успехот и личната среќа и задоволство!
Дисциплината и истрајноста им се второ име! Овие две жени се пример дека и во „машкиот свет“ се успева со истрајност и челична волја.
Колку е тешко да си жена „со мускули“ и со какви предрасуди се соочуваат разговараме со две успешни Македонки – Марија Божиновска и Катерина Попева.
Божиновска се занимава со фитнес и бодибилдинг веќе две децении и е атлета професионалец во категорија бодифитнес во Интернационалната федерација на фитнес и бодибилдинг IFBB Elite Pro каде ја претставува Македонија на сите интернационачни натпревари. Родена е во Скопје, но живее во Шпанија веќе 23 години.
Попева позната како „Кате Trinity“ и „Кате Hard to explain“ е фитнес тренерка и и повеќекратна бодибилдинг шампионка, но се занимава и со дизајн. Моментално работи на спортски бренд како би ги поврзала двете пасии во едно. Живее и работи во Скопје.
-Во овој спорт е исто тешко како за маж, така и за жена бидејќи овој спорт зависи многу од самиот човек и неговата дисциплина. Единствено што би рекла дека е полошо за жените во смисла како светот гледа на жени со мускули бидејќи не е толку нормално жени да имаат мускули како мажи. Во тој поглед е потешко бидејќи повеќе критики примаме, вели Божиновска.
- Во суштина да си жена во било кој спорт е специфично, поготово во бодибилдингот кој се смета за машки спорт. Исто така и самата публика е доста критички настроена во однос на тоа како треба да изгледа една жена и се водат според некои стереотипи дека жената не треба да се занимава со ваков спорт. Но, се повеќе нѐ има во спортов и докажавме дека можеме да бидеме исто толку силни и успешни како мажите, е ставот на Попева.
И двете се согласуваат дека дисциплината е клучна и дека треба да се „ажурни“ и по тренинзите, буквално 24 часа во денот!
-Менталната сила е најважна. Психички треба да сме силни за да можеме да ги издржиме сторгите диети, а во исто време да можеме да тренираме со големи тежини и исто така кардио вежби секој ден, вели Марија.
-Дисциплината е клучна за спортов поготово што секој ден ја нема истата мотивација. За разлика од другите спортови ова се живее 24/7 и после напорните тренинзи борбата продолжува, вели Кате.
Ги прашавме за инспирацијата и мотивацијата?
-Мојата инспирација доаѓа од тоа што гледам дека резултатите се тука, се постигнуваат со тренингот и диетата и како човек се чувствува кога ќе постигне нешто што не можат да го постигнат многу луѓе. Тоа ми дава волја да продолжам со овој спорт. Дисциплината е многу важна во секојдневниот живот, не само за спортот, туку за се во животот. Мислам дека сите луѓе кои сакаат нешто да постигнат мора да имаат дисциплина бидеќи без неа ништо не се постига, споделува Марија.
- Бидејќи е нормално да немаме секој ден инспирација и мотивација зошто сепак сме луѓе на крајот од денот, она што мене ме води е целта. Кога имаш силно зацртана цел не е важно како се чувствуваш во моментот. Вашите цели не ги интересира како се чувствувате, вели Марија.
Се плажат ли мажите на денешницата од силни жени (силни во смисла и физички и психички)? - прашањето кое се почесто се наметнува!
- Во денешно време машките се понавикнати да гледаат физички јаки жени, но сепак, има доста мажи кои се чувствуваат исплашени кога ќе нѐ сретнат. Многу зависи од самата околина. На некои места овој спорт е популарен и не е чудно. Но има места каде што физички јаките жени не се добро прифатени. Мислам дека сега, со време, тоа се менува и станува на некој начин и мода, коментира Марија.
Катерина Попева вели дека реалноста е таа - има плашливи мажи, особено балканците!
- Не сакам да звучам вака, но за жал, ДА се плашат, поготово балканските мажи. Или сакаат да нѐ променат и да нѐ направат нешто што не сме или едноставно не можат да се носат. Јас сум природно ваква и ништо присилно не можам да правам и оној кој би сакал најубава да ме доживее без разлика дали е пријател или партнер само треба да ме остави да бидам она што сум. Искрено верувам и знам дека сеуште постојат и такви мажи во вистинска смисла на зборот, вели Кате.
Женското тело и желбата за совршени пропорции „наѕираат“ од секој агол. Зошто жените треба да се грижат за себе, еве што велат нашите херојки!
-Мислам дека секоја жена треба да се грижи и да го чува своето тело бидејќи на нас жените, за разлика од мажите, лошо ни лежат годините. Мажите не стареат толку брзо како нас. Затоа секоја жена треба да се грижи за телото, не само поради изгледот туку и поради здравјето. Овој спорт ни помага здраво да се храниме, убаво да изгледаме и убаво да се чувствуваме, порачува Марија.
-На сите жени им препорачувам да се грижат за себе си. Секогаш да се средени и да вежбаат за да имаат поголема самодоверба и да се чувствуваат убаво во својата кожа. Им посакувам да љубат безусловно без разлика на исходот бидејки жената е најисполнета кога сака и е сакана. Сакајте се, вежбајте и радувајте се на животот! - децидно порачува Кате.
Во змејава има се повеќе бодибилдерки. Ги прашавме дали се ценети повеќе дома или во странство?
- Кога зборуваме за овој спорт мислам дека ние жените сме сѐ поценети како минува времето. Во странство има повеќе жени кои се занимаваат со овој спорт и знаат колку е напорно да се постигнат резултати и затоа се доста ценети иако не на сите им се допаѓа жена што е физички јака, но поради напорот што го правиме и менталната сила.Во Македонија можам да кажам дека сме сѐ подобро прифатени. Има доста Македонки во овој спорт и станува нормално и прифатливо, вели Марија.
- За жал сметам дека на ова поднебје не сме доволно ценети за натчовечките напори кои ги носи овој спорт иако сум повеќе од благодарна што и покрај тоа има луѓе и уживатели на спортов кои безусловно ни даваат поддршка сила и мотивација. И баш поради овие луѓе никогаш нема да де откажам. Сакам да им покажам на сите жени дека со труд, желба и работа се се може! Исхраната е многу важен дел од нашиот живот. Колку подобро се храните толку поубаво ќе се чувствувате и ќе имате многу поквалитетен живот, сподели Кате.
Марија Божиновска, за својата професија, вели дека има критики, но, како што вели, има доста повеќе добри критики отколку лоши. -Мислам дека има многу луѓе кои можеби не би сакале да изгледаат како нас, но сум сигурна дека сакаат да ја имаат нашата волја и дисциплина што ни помага да ги постигнеме резултатите што ги сакаме, појаснува таа.
Катерина Вели дека предрасудите се присутни секојдневно.
-Со предрасуди се соочувам секојдневно, но секако научив да се носам и живеам со тоа. Предрасудите се многу, генерално дека не е женствено жената да има мускули.