Се омажила на 16 и веќе има 6 деца - скопјанка раскажува за својот животен пат

Иако не е многу честа појава, за жал малолетничките бракови и понатаму се реалност во Македонија. Алмедина од Шуто Оризари ја раскажа својата приказна за Дојче Веле.

Алмедина има 29. години и веќе има шест деца и нејзиното седмо дете е на пат. Се омажила на само 16 годишна возраст и таа веќе е во брак дури 12 години. Нејзиното семејство живее сиромашно и едвај врзува крај со крај, таа не работи, а сопругот собира пластични шишиња. 

- „Не учев, имав учено само до трето оделеение. Бевме млади, го засакав мојот сопруг и на некој начин терав инает иако мајка ми не ме оставаше да се омажам. Да бев со школо немаше толку млада да се земам, ми доаѓа тешко, но сега ќерка ми ја учам да не се мажи толку рано како мене, туку да оди на училиште. Порано беше се скапо и не можевме да одиме на училиште“, раскажува Алмедина за Дојче Веле.

УНИЦЕФ во 2011 има истражување според кое бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%. Кај Албанците оваа бројка е 6%, кај Македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува дури 22%. Бројот на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или биле бремени на национално ниво изнесува 3%, додека во ромските населби тој број е 18%. Искуствата на невладините организации на терен, кои се занимаваат со оваа појава велат дека најчести причини за неа се нискиот степен на образование на родителите, социо-економскиот статус, невработеноста и сиромаштијата, традицијата, како и посебните ритуали и начини на  живеење кои следат некои посебни  карактеристични правила и обичаи.

Николина Николовска која е социјален работник во ХЕРА вели дека на оние кои ќе стапат во брак пред 18 години директно им е одземено правото на безгрижно детство и образование и предлага рана и навремена психосексуална едукација на младите која е клучна во тој период.