Се огласија од ЈСП во врска со најавениот штрајк

Откако Независниот синдикат во ЈСП Скопје најави дека членовите – возачите на градските автобуси од среда ќе протестираат поради малите плати и тешките услови за работа, се огласија од раководството на ЈСП. 

-Во врска со најавеното излегување на протест од страна на Независниот синдикат во ЈСП Скопје, сакаме да информираме и укажеме дека ваквиот вид политички мотивирани дејствија се неприфатливи и штетни за целокупното работење на претпријатието и на штета на граѓаните, корисниците на јавниот превоз, велат оттаму. 

Од ЈСП посочуваат дека јавноста и вработените треба да бидат информирани дека Управниот одбор на ЈСП Скопје во април годинава ги прифати барањата на Независниот синдикат со Одлука за линеарно зголемување на платите во износ од 2800,00 денари.

-Поради ова ги осудуваме ваквите дејствија и апелираме дека со политички мотивирани манипулации поттикнати од центри на политичка моќ нема да се допринесе кон развој и унапредување на статусот на вработените во ЈСП Скопје, туку, напротив ќе доведат до непоправлива штета која негативно ќе влијае врз работните процеси и статусот на вработените во претпријатието, како и за граѓаните воопшто, се вели во соопштението од ЈСП.