
Македонскиот театар, филм и телевизија останаа без еден од своите најголеми уметници. На 75-годишна возраст почина Гоце Тодоровски, долгогодишен актер на Драмски театар Скопје и еден од најпрепознатливите ликови на македонската сцена.
Веста ја соопшти Драмски театар Скопје, од каде истакнаа дека со неговото заминување македонската култура губи актер чиј талент речиси половина век беше дел од колективната меморија на публиката.

Роден во Кичево на 30 април 1951 година, Тодоровски дипломирал на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа во Скопје во 1976 година. Во Драмски театар се вработил во 1978 година и останал член на ансамблот до пензионирањето во 2018 година, оставајќи зад себе повеќе од четири децении богата актерска кариера.
На сцената на Драмски театар оствари 43 улоги, а неговиот лик Цанде во култната претстава „Солунски патрдии“ останува едно од највпечатливите актерски остварувања во македонскиот театар. Голема популарност стекна и со претставите „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“, кои со години беа меѓу најгледаните во земјата.

Покрај театарот, Тодоровски остави силен белег и во македонската кинематографија и телевизија, со повеќе од 60 улоги во филмови и серии, меѓу кои „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христа“, „Преспав“, „Бистра вода“, како и детските емисии „Бушава азбука“, „Хихириху“ и „Македонски народни приказни“.
За својот богат творечки опус доби бројни признанија. Во 1980 година ја освои наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Војдан Чернодрински“ за улогата на Цанде, во 2020 година беше добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“, во 2023 година беше одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија, а во 2025 година ја доби и Наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“.

„Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од идентитетот на Драмски театар и актер кој со своите улоги ги одбележа животите на повеќе генерации гледачи“, наведуваат од Драмски театар Скопје.
Од театарот изразија длабоко сочувство до семејството, пријателите, колегите и многубројната публика што го сакаше.
„Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка“, порачуваат од Драмски театар Скопје.