Речиси 15.000 ученици што завршуваат средно образование, во саботата го полагаа првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.
Но, како што се случи и минатата година со тестот по англиски јазик, и годинава беше откриено дека се споделуваат одговорите во масовна вибер група.
Ова се случи иако оваа учебна година матурантите наместо во училници, тестовите ги полагаа во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање. Целта беше со повеќе тестатори на едно место да се овозможи подобра контрола во текот на испитот и да се оневозможи препишување или масовно споделување одговори, но, повторно се потфрли во македонското образование.
Јавноста со поделени мислења. Дел ја сметаат за непотреба оваа државна матура, други сметаат дека вината треба да се бара кај родителите, трети прстот го вперуваат кон образовниот систем.
Еве дел од реакциите на социјалните мрежи.
- Препишувале децата на државна матура. А што очекувавте? Што да се очекува од деца, чии родители (секоја чест на исклучоците) вршат притисоци, од прво одделение па натаму, за повисока оценка наместо да работат со децата? Што да се очекува од деца, чии родители (секоја чест на исклучоците) никогаш не им дале доверба и одговорност, туку напротив, ги пишуваат нивните домашни задачи? Што да се очекува од деца, чии родители (секоја чест на исклучоците) од матурските прават свадби, им купуваат скапи автомобили зашто завршиле задолжително образование? Што да се очекува од деца, чии родители (секоја чест на исклучоците) ќе ги вработат благодарние на нивните врски, а не поради тоа што децата инвестирале во себе, го научиле и ќе го научат? Од дома почнува сè, гласи еден споделен став на темава.
- Сите се чудиме како матурантите препишувале на полагањето државна матура, а не се прашуваме кој и како наметна дека за да се вработат, да успеат во животот, не им треба знаење, туку само да се има диплома (не задолжително и тоа), или пак партиска книшка... - пишува друг корисник на Фејсбук.
- Нема што да глумиме изненаденост од случајот "Државна матура". Ова пракса трае со години. Најмалку е важно, она што се случува на финалното тестирање, кога 4 години наназад, за "наше дете", дигнат телефони и се е решено. Дури можда во целата приказна најмалку виновни се децата од типот "знаеш ли на кој сум јас", затоа што токму тоа им е дозволени од нивните родители, а сетоа тоа зачинето со оние просветни работници кои фаворизираат одредени ученици, поради приватните врски и славното "наши сме си". Затоа имаме правници кои не прават разлика помеѓу "статус" и "статут", добар дел од лекарите да не знаат да прочитат крвна слика, а градежните инженери да не можат една шахта да израмнат со улицата. Не може да очекувате накараден систем да продуцира здрави кадри, гласи друг коментар.
Свое гледиште сподели и професорката по македонски јазик Дијана Петрова.
- Горда сум на одговорноста, однесувањето и зрелоста на моите ученици. Несреќна, бесна и тажна сум од непрофесионалноста на голем број тестатори, кои дозволиле препишување наголемо! Не можам да се помирам со фактот дека ученици кои 4 години посветено и активно работеле, ќе имаат исти резултати (може и пониски) од некои кои само се спремале за препишување. Додуша, некои не се ни спремале, ама успеале. И зошто се сите тие стресови и на децата, и на родителите, и на професорите, и на училиштата кога се со нереални резултати? Аманте бе луѓе, мајчин јазик полагаат!