Се огласи Јилдиз - родилката која поради лекарска грешка остана без три органи

Јилдиз Веапоска, родилката која по породување со царски рез од струшката болница излезе без матка, бубрег и јајник очекува правда и тројцата осомничени доктори да ја добијат казната што ја заслужуваат.

Во изјава за Прес24 вели дека отворањето обвинителниот акт кој го поднесе Јавното обвинителство од Струга е само почеток.

-Ова е само почеток. Очекувам правдата да тера до крај и лекарите да си ја добијат казната што ја заслужуваат, вели Веапоска во телефонска изјава.

Јавното обвинителство случај отвори речиси две години откако Веапоска ги загуби трите органи. Специјалист гинеколог акушер, д-р Мухамед Асани специјализант по гинекологија и акушерство и гинеколог акушер, вработени во ЈЗУ Медицински центар Струга се товарат дека при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката.

Две години подоцна Веапоска сѐ уште чувствува последици.

-Се лекувам на психијатрија, на Клиника. Со помош на психијатар, со помош на психолог и на сите лекари некако опстанувам, некако стојам на нозе, вели Веапоска.

Во соопштението од Јавното обвинителство објавија детали за случувањата од пред две години.

–Родилката била примена на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија. Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок, соопшти ОЈО.