Се одложува изградбата на ветениот парк во Мичурин

Жителите од скопската населба Мичурин ќе мора да почекаат неколку месеци за реализација на општинското ветување за изградба на парк во нивното населено место.

Наместо да се изведува новото зеленило, општина Аеродром се одлучи да го поништи тендерот распишан во октомври лани и да објави нова постапка за избор на изведувач.

„Не е поднесена ниту една соодветна понуда“, објаснуваат од општина Аеродром во образложението за поништениот тендер. Ваквата негативна разврска ќе ја одолговлечи изградбата на паркот, којшто веќе требаше да се оствари во реалноста.

Новиот парк во населбата Мичурин треба да се изведе на местото на постојното девастирано зеленило во близина на поранешната општинска зграда на Аеродром.

Општинарите ветија дека на јавниот простор од 3.573 метри квадратни ќе никне ново зеленило, ќе се постави нова урбана опрема и ќе се изведе ново осветлување за жителите од оваа населба.