Субвенции, станици за полнење и најави за нови модели на електричните возила. Според најавите, 2019 треба да биде година на возила со 0 емисија на штетни гасови на македонските улици. Сепак, ваквиот „зелен“ бран се уште е само во најава на македонскиот пазар на возила.

На електричните возила се гледа како на едно од решенијата за проблемот со загадениот воздух и мерките со кои се поттикнува нивното користење. Тие се дел од сите краткорочни и долгорочни планови за намалување на аерозагадувањето во градовите.

За 2019 година предвидени 2,7 милиони евра субвенции

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, во ноември минатата година најави субвенции за електрични и хибридни возила.

Со Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за возила се предвидуваат Програми за субвенционирање на дел од трошоците за купување на возила на електричен погон, за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво и за купување на ново возило со одјавување на старото возило согласно член 41 став (1) од овој закон, каде што е предвидено со заклучоци на Владата субвенционирањето да биде од Буџетот на Владата на Република Македонија.

Со програмите за субвенционирање  предвидени се финансиски средства во износ од 170.000.000 денари во 2019 година,  245.000.000 денари во 2020 година и 320.000.000 денари во 2021 година.

Предвидени се субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.

Иако годинава за субвенции се предвидени околу 2,7 милиони евра, од Министерството за економија, преку кое треба да се врши субвенционирањето, информираат дека Законот за возила е се уште во Собрание и моментално немаат подетални информации за најавените субвенции за електрични и хибридни возила.

Инфраструктура за електрични возила

Зголемувањето на бројот на електрични возила на улиците, неопходно е да биде проследен со зголемување на бројот на станици за полнење на ваквите возила. Најголем хендикеп на електричните возила е малиот радиус на движење, а единствен начин за надминување на овој проблем е добро распространета и достапна мрежа на станици за брзо полнење на возилата низ државата.

ЕВН во соработка со општините веќе започна иницијатива „Електромобилност со ЕВН“ со цел развој на инфраструктура за полнење неопходна за поголемо користење на електрични возила во секојдневниот живот.

Покрај полнењето во своите домови, за да можат да патуваат на поголеми дистанци, на сопствениците на електрични возила им се потребни и полначи достапни на јавни површини. Полначите е неопходно да се поставени во правецот на движење на возачите и на дистанци до 100 километри еден од друг.

Полначи за електрични возила веќе неколку години има во двете катни гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“, пред бараките на градот Скопје, како и на паркингот пред зоолошката градина.

Од ЕВН информираат дека се поставени над 40 станици за полнење електрични возила на централни јавни локации во 17 града во Македонија.

Заинтересираните сопственици на електрични возила за да ги користат полначите најпрво треба да се пријават за електронска картичка, додека користењето на електричните полначите во период од една година, како што најавуата од ЕВН, е бесплатно за сите корисници.