Се намалува цената на становите во Скопје – највисока во Центар и Тафталиџе, а најниска во Сопиште и Илинден

Цената на станбениот квадрат во Скопје за една година, од 2016 до 2017, се намалила за цели 14 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Според проценките на статистичарите во текот на минатата година просечната цена на квадрат станбен постор во главниот град изнесувала 41.822 денари, односно околу 680 евра.

Наспроти статистичките просеци, огласите за продажба на станови кажуват нешто друго – дека цените на новоизградените становите во Скопје се безмалку зацементирани на горе-долу исто ниво последниве неолку години. Така, според најновите интернет оглси новоградба на Водно од 54 квадратни метри се продава за 65.000 евра, без ДДВ. Во Аеродром, речиси секаде цената на квадратот се движи околу 1.050 евра. Во Пржино се продаваат станови по цена од 1.150 евра, а во Влае за 1.000 евра за квадратен метар. Цените на квадратот во Капиштец се движат од 1.000 до 1.150 евра. По 1.150 евра инвеститорите бараат и за станбениот квадрат во Тафталиџе и во Дебар Маало, а стан во завршна фаза на градба во Црниче се нуди по цена од 1.270 евра за еден квадратен метар. Од 1.150 до 1.250 евра за квадрат се цените на становите во Центар, со тоа што поевтини се само поголемите, со површина од над 90 квадратни метри. Во Кисела Вода има понуда на станови од 951 до над 1.000 евра за квадрат.

– Кој вели дека становите во Скопје поевтиниле? Замислете, стан во Карпош 4 се продава по 1.250 евра за квадрат. Која е таа логика? Тоа ли е поевтинување? Станови во Скопје се градат и се продаваат, па затоа не можат многу да поевтинат. Најчести купувачи се луѓе од другите градови, кои таму продаваат големи куќи, за со тие пари овде да купат мало станче, велат во една скопска агенција за недвижности, додавајќи дека тие не забележуваат поевтинување на становите во главниот град.

Дека становите во Скопје се уште држат цена и дека таа не им паднала, барем не онолку колку што прикажува Државниот завод за статистика велат и во други агенции за недвижности. Некои агенти посочуваат дека е можно просекот да го симнува поголемата понуда на станови во попериферните скопски населби, каде секогаш цената била далеку пониска од онаа во Центар, Карпош и Аеродром, потег кој се смета за најатрактивен за купувачите.

Според огласниците, голема е понудата на станови во Сопиште, каде квадратот на невселен стан се нуди за 649 евра, плус на купувачите им се дава и ваучер од 1.500 евра за да си купат бела техника. Поголема подуда на нови станови има и во населбата Ѓорче Петров, по цена од 639 до 884 евра за квадрат. Во оваа населба стан со три соби од 52 квадрата може да се купи за 46.000 евра, што е една од највисоките цени во оваа скопска населба. Голем број станбени згради последниве години се изградија во Илинден, а во нив становите се нудат за 640 евра квадрат. За разлика од Аеродром, каде што новоградбите се ценат на над 1.000 евра за квадрат, во соседно Ново Лисиче, практично преку улица, еден квадрат стан може да се купи и за помалку од 800 евра.
Токму ваквите разлики во цените на становите во Скопје и понудата во делови од градот и околината која порано практично ја немало, велат во неколку агенции за недвижности, се причина лани просекот на цената на становите да се симне за фантастични 14 отсто.

На ова упатуваат и статистичките извештаи за издавање одобренија за градење. Од 2014 година наваму почнува интензивна градба во Илинден, Сопиште и други населби во кои станбениот квадрат е поевтин. Претходно се издавале по едно-две одобренија за градење на тие локации, што упатува на тоа дека тогаш таму се граделе главно семејни куќи.

Според најновото соопштение на ДЗС за цените на становите, причина за поевтинувањето на квадртатот во Скопје е и падот на вреноста на градежното земјиште, што уште еднаш упатува на тоа дека интензивната градба и продажба на станови ан периферијата на главниот град влијаела на симнување на просекот. Така, во просечна цена од 43.710 денари на станбен квадрат лани 12.430 денари отпаѓаат на градежното земјиште, 28.916 на трошоци за градење, а 2.364 денари на останатите трошоци. Во 2016 година просечната цена на станбен квадрат во Скопје била 50.829 денари, од кои 14.479 денари биле за градежно земјиште, што е за две илјади денари по квадрат повеќе од лани, 30.044 трошоците за градење и 6.306 на останати трошоци.
Според ДЗС лани просечната цена на станбениот квадрат на ниво на држава изнесувала 41.822 денари или 680 евра, што е за минимални 2,9 отсто помалку во однос на 2016 година. Во останатите населени места освен Скопје еден станбен квадрат лани се продавал во просек за 32.001 денари или 520 евра, што е пад за 2,2 отсто во однос на 2016 година.

Статистичарите посочуваат дека квадратот во Скопје продолжил да паѓа, но со намалено темпо во второто полугодие од минатата година.

– Што се однесува до просечната цена на еден квадратен метар во второто полугодие од 2017 година, таа е намалена за 6,2 отсто во однос на првото полугодие, а во Скопје намалувањето изнесува 4,8 отсто, стои во соопштението на ДЗС.