Се надевам дека си насмеан...

Можеби мислев дека тоа беше вистинска љубов. Можеби и беше. Можеби се сакавме, но не на начин на кој ќе трае и трае... Можеби и подобро е вака. Можеби... Понекогаш размислувам за нас. Не, не сакам повторно да бидеме заедно. Не, не сум несреќна. Не, не сакам сѐ одново. Само понекогаш размислувам за нас. Ќе ти признаам едно нешто, најмногу размислувам за себе, за девојката која бев тогаш, тогаш кога постоеше НИЕ, а јас бев онаа старата ЈАС. Викаа дека сме најубав пар. И навистина бевме. Постојано нѐ гледаа насмеани на улица, како се држиме за рака. Бевме среќни. Да, тоа со сигурност знам. 

Кога ме прашуваат за тебе, често ми велат дека повеќе не се смеам онака како што се смеев со тебе, велат дека сум пораснала. И да, пораснав тогаш кога останав сама, без тебе. Пораснав кога сфатив дека не сакам љубов кој е само насмеана, љубов која не е мое засолниште и штит, моја сила и стабилност – љубов која не е сигурна лулка. Не, не се смеам како порано, затоа што сега знам дека и луѓето кои највеќе ги сакаш можат да те повредат. Не се смеам како порано, затоа што знам дека и оние кои највеќе ги сакаш можеш да ги повредиш, затоа што љубовта не е само насмеано лице. Убаво е кога е насмеано, но тоа не е единственото нешто што ја прави и создава љубовта. 

Јас се смеам и после тебе. После нас, се научив поинаку да се смеам. Не онака како претходно, не наивно, неискусно и лековерно, се смеам сигурно и во себе. После тебе, научив да ја чувам својата насмевка. Научив дека може да постои среќа и после среќата. Научив дека постои љубов и после љубовта. Насмевка после насмевката. И ако секоја љубов не е иста, зошто и секоја насмевка би била иста? Зарем мора секоја среќа да личи на некоја стара среќа? Нашата заедничка насмевка ја помнам, но не ја сакам повеќе. 

Ја сакам оваа моја нова насмевка, која знае дека ништо во животот не е сигурно, но тоа не е причина да не се радувам на секој момент кој ми е даден. Ја сакам својата нова насмевка која знае што значи болка, насмевка која знае што значи среќа, но и тага. Насмевка која знае за нови шанси. Насмевка која знае која сум јас зад таа насмевка. Насмевка која не се плаши и сомнева. Насмевка која дише и живее, затоа што знае дека првенствено зависи од мене. Затоа што насмевката е избор, мојот прв избор. Ја сакам мојата нова насмевка која ми го донесе и него. Тој кој знае да ја чува мојата насмевка. Кој знае да ме чува и мене и нас. 

Можеби и благодарејќи на нас научив како да се сакам себеси. Можеби само така и може да се научи. 

Се надевам дека сега и ти си насмеан.