Се минува, а Ристиќ останува (фото)

Скопските палати, куќи и згради во кои живееле најбогатите и најпознатите жители на главниот град и денес сѐ уште постојат за да сведочат за животот во едно поинакво, старо Скопје. 

Ристиќевата, палатите на Икономови и Настеви, Арапска куќа, куќата на вулканизерот во Пајко Маало, кафеаната „Идадија“ и куќите на Илинденска се дел од најстарите објекти во градот што го издржале и катастрофалниот земјотрес пред 50 години.

Во нив живееле бегови, доктори, трговци, офицери и еминентни политички личности, а денес повеќето од нив се канцеларии на фирми, амбасади, национални ресторани, хотели. Некои од нив поради својата автентичност се заштитени како споменици на културата и се обновени по земјотресот во автентичен стил. 

На јужната страна на реката Вардар, на јужниот дел од Плоштадот Македонија се наоѓа Ристиќевата палата. Изградена е во 1926 година по проектот на архитектот Драгутин Маслаќ, а со скулпторски детали на Драгутин Станковиќ и е именувана по нејзиниот сопственик, фармацевтот Владислав Ристиќ.

Оваа зграда е типичен пример за зградите кои се граделе во дваесеттите години за богатите бизнисмени во Скопје. Порано, во приземјето биле сместени продавници и аптека, подрумските простории се користеле како магацини, а во горните катови живеел познатиот богат фармацевт со неговото семејство.

Дури и во времето кога била изградена таа била опремена со најмодерни детаљи за тоа време: секоја соба била опремена со фрижидер кој функционирал на мраз, телефон и бања, што е сметано за луксуз во тоа време! Две од собите на вториот кат имаат мали балкони со ниски и легантно дизајнирани огради, кои имаат одличен поглед на плоштадот. Над балконите, помеѓу вториот и третиот кат и повторно над тоа, помеѓу третиот и четвртиот, се наоѓаат вкупно 8 симетрични скулпторски дизајни насликани во бело/крем, се состојат од два дела, рамо до рамо, над секој прозорец, свртени кон плоштадот.

Дизајнерите и архитектите задолжени за изградбата на оваа зграда биле свесни за сеизмолошките услови на областа, биле запознаени со фактот дека Скопје било на трусно подрачје, па во текот на градбата користеле материјали, техники и дизајни за да се спречи рушење на зградата при посилен потрес.

Ова е една причините поради кои палатата ги преживеа ефектитте на катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година, кога речиси 70% од постоечките објекти беа срамнети со земја.

И покрај извесни закани со рушење на дел од оваа палата (поради наводни 50 метри дивоградба), зградата е реставрирана, и со одлука на Министерството за културата е прогласена и заштитена како споменик на културата. Денес, приземјето на зградата е полно со продавници, а горните катови се деловен центар.