Се милитаризира ли Балканот и далеку ли е Македонија од воведување задолжителен воен рок?

Изминатите неколку години во некои од земјите во соседството на големо се разгледуваше и се разговараше темата за задолжително служење на воен рок – што поради активното вооружување на некои од земјите, што поради геополитичките случувања на глобално ниво. За дебатите за враќањето на задолжителниот воен рок и за интензивирање на „безбедносната дилема“ која овој процес го носи во регионот, можеби најмногу придонесоа внатрешно-политичките дебати во Хрватска и во соседна Србија. Македонија иако е пасивна по ова прашање, сепак ова се теми кои што секогаш кога се разговараат дома, сконцентрирано се слушаат во соседството.

Скопје Инфо заедно со политикологот Виктор Јакимовски преку кратка анализа се обидоа да ја мапираат состојбата на земјите од соседството и Македонија, во однос на задолжително служење на воен рок.

Во Хрватска веќе речиси е подготвен теренеот за спроведување на реформата во одбраната. По 17 години, Хрватска повторно воведува задолжителна воена служба, но во скратена и модернизирана форма. Како што пренесе во јуни хрватскиот Вечерњи лист , основната воена обука ќе трае два месеци и ќе се спроведува во касарни во Книн, Слуњ и Пожега. Ќе ги опфати регрутите кои ќе наполнат 19 години годинава, а за време на обуката, регрутите ќе добиваат месечен надоместок од 1.100 евра и ќе им се евидентира работното искуство. Со воведување на основна воена обука, која треба да трае два месеци и да вклучува до пет генерации годишно со максимум четири илјади регрути, Министерството за одбрана на Република Хрватска го реактивира системот за воена обврска за сите работоспособни граѓани.

Сепак, и покрај неговата задолжителна природа, законот предвидува голем број исклучоци и ситуации во кои поединците можат да бидат ослободени од или да го одложат своето учество во воена обука. Иако во Хрватска за мислењата на Марко Перковиќ – Томпсон, за тоа што претставува тој и за неговите песни се поделени, сепак како за илустрација на прифатеноста во Хрватска кон враќањето на воениот рок може да се поврзе и со скорашниот негов концерт, за време на кој гласно се скандираше усташкиот поздрав „За дом спремни“, на кои присуствуваа рекордни над 500.000 луѓе.

И во Србија ситуацијата со задолжителниот воен рок, веќе неколку години е присутна во јавната дебата. Во моментов таму законски постои задолжително служење на воен рок, но овој закон е суспендиран, односно Законот се уште постои, но не се применува во пракса. Тоа значи дека Владата (преку Министерството за одбрана) одлучила да го стави во мирување – односно да не повикува регрути да служат. Суспензијата стапи на сила во јануари 2011 година кога Србија премина кон професионална армија, но не го укина законскиот основ за задолжително служење. Таму во суштина Парламентот не мора да донесе нов закон, туку Владата само треба да донесе одлука за повторно активирање на регрутната обврска. Тоа може да се случи брзо, особено во услови на вонредна состојба, влошена безбедносна ситуација, политичка одлука за мобилизација на младите или поради било која друга причина доколку Владата ја претстави во јавноста како „легитимна“.

Во Србија безбедносните потези на Хрватска често се користеа како изговор за одредени набавки на воена опрема, па апропо на тоа воопшто не би било изненадувачки доколку и тие во многу скоро време се повикаат на хрватскиот пример. Впрочем, дури ако моменталната власт во Србија, во голем степен ги почуствува студентските протести како „власто-загрозувачки“ би можела и да се очекува некоја ваква мерка, за нивно „собирање од улица“.

Во моментов други земји од блиското соседство на Македонија кои имаат задолжително служење на воен рок се Грција и Турција. Во Грција, воен рок служат мажи на возраст над 18 години во времетраење од 9 до 12 месеци, во зависност од родот на армијата, додека во Турција трае околу 6 месеци (по новите реформи), со можност за купување ослободување од дел од рокот.

За расположението во Македонија по однос на ова прашање, Скопје Инфо пред нешто повеќе од недела дена ги праша читателите кое е нивното мислење по однос на ова прашање.

Во коментарите соодносот помеѓу „за“ и „против“ беше многу блиску, речиси 50-50.

Во односот на лајкови и „нервозни“ реакции соодносот беше со 10 пати повеќе лајкови. Иако е навистина тешко преку ваков вид на анкети да се добие вистинска слика, сепак за нас беше важно да ги прашаме читателите, а соодносот на одговорите не изненади.

Имено, над две-третини од жените кои што имаа одговорено на прашањето во коментарите, беа „ЗА“ воведување на задолжителен воен рок, додека кај мажите мислењата беа поделени, со само неколку коментари повеќе кои беа „за“.

Откако во Македонија задолжителното служење на воен рок беше укинато во 2006 година, во изминатите 19 години. некои политичари или т.н. политички аналитичари повремено, но срамежливо го опробуваа пулсот на тезата за враќање на воениот рок, но во тоа време фокусот беше ставен повеќе кон пристапување во НАТО и исполнување на НАТО-стандардите, отколку визија за некаква обемна реформа во одбраната. И денес ситуацијата не е многу поразлична, но безбедносните и геополитичките експерти кои ги следат случувањата на Балканот, Украина и Блискиот Исток, сепак како од околу да го начнуваат и ова прашање.

Но, колку Македонија реално е блиску до спроведување на ваква реформа?

Да речеме дека постои волја и кај политичкиот лидершип и кај јавноста, она што би бил очигледен прв чекор е Владата, преку Министерството за одбрана официјално да предложи враќање на задолжителната воена обврска. Тоа може да биде иницирано и со широка јавна дебата или безбедносна стратегија (на пример, поради регионални закани, НАТО ориентација, или младинска мобилизација).

Исто така, ќе биде потребна измена и на Законот за служба во Армијата и Законот за одбрана, каде би се дефинирала возраста, траењето на служењето, исклучоци (здравствени, едукативни итн.), како и можност за цивилна служба. Во однос на Уставот, тој не забранува воена обврска, но веројатно би било потребно да се провери усогласеноста со некои од меѓународните договори. Сепак, сето ова би бил „полесниот дел“ од процесот.

Потешкиот дел доаѓа со обезбедувањето на соодветна инфраструктура и соодветна обука, за што е потребно реновирање или отворање на нови касарни, воени центри и/или логистички бази. Потоа обезбедување на соодветен професионален кадар за обука на регрутите, како и нови логистички системи за снабдување со храна и опрема. Меѓу другото, важен дел од процесот е обезбедувањето и на соодветни административни капацитети, односно регистарска служба која ќе ги повикува лицата со обврска за служење. Потребен ќе биде и „Центар за регрутација“ со кадровски ресурси, софтвер и бази на податоци (поврзани со МВР, образовен систем, здравство). Најкритичниот дел во целиот процес веројатно е буџетот. Годишниот трошок за повторно воведување на задолжителен воен рок би изнесувал десетици милиони евра.

На крајот доаѓаме до временската рамка за реализација, каде, дури и во најидеално политичко расположение во државата, најбрзата реална имплементација би била 2 до 3 години од денот на официјална одлука.

Затоа, овој процес за Македонија е „малку“ далечен и доколку државните безбедносни органи сметаат дека ова е потребен чекор за во блиска иднина, прво што би требало да направат е уште од утре да почнат да работат на адекватна комуникациска стратегија со која најпрво ќе ја подготват јавноста за оваа дебата.