Се менува Законот: Во кеш ќе може да се плаќа само до 30.000 денари

Со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам објавени неодамна во Службен весник почнувајќи од 7 јули се забранува плаќање со готовина на стоки и услуги во износ над 2.000 евра во денарска противвредност. Претходниот праг за плаќање во готовина беше 15.000 евра.

Сите еднократни плаќања, како и повеќе очигледно поврзани трансакции ќе мора да се прават преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

Почнувајќи од 1 јануари 2019 година износот за кој се забранува плаќања за стоки и услуги со готовина ќе се намали на 1.000 евра, додека од 1 јуни 2019 година тој износ ќе се намали дополнително на 500 евра во денарска противвредност.Оваа забрана важи за плаќањата кои ги прават и физичките, но и за правните лица.

Исто така со законските измени во Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, кој беше донесен по скратена постапка, се предвидува надзор и за носителите на јавни функции во Република Македонија. Тие во 2011 година беа исклучени од субјектите кон кои се преземаат засилени мерки за анализа.

Во досегашниот Закон, во оваа група спаѓаа само носителите на јавни функции од други држави.

Опсегот на субјектите кон кои се преземаат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам се редефинира.

Во оваа група, покрај носителите на јавни функции во Македонија се додадени и следните категории: правни и физички лица кои даваат услуги за организирање и спроведување аукции, приредувачи на игри на среќа: лотариски игри на среќа, игри на среќа во обложувалница, игри на среќа во автомат-клуб и интернет игри на среќа.

Контролата на примена на оваа законска забрана, која се прави со цел да се намали сивата економија во земјата, ќе ја прави Управата за јавни приходи.

Целта на предложениот закон е негово усогласување со одредбите од 4. ЕУ-Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање тероризам од 2015 година (2015/849 ЕЦ).

„Причините за изменување и дополнување на законот произлегоа од потребата за негово усогласување со европското acquis, односно законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, односно одредбите од 4. ЕУ-Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање тероризам од 2015 година (2015/849 ЕЦ). Во Предлог-законот се вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам усвоена во 2016 година“, се вели во законското образложение.