Се комплетира првата фаза од булеварот „Македонија“, со кој Скопје ја добива првата подземна сообраќајница

Вчера се поставуваа последните слоеви асфалт на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот Крст. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук го оцени како еден од најзначајните, а и како што рече, за него особено важни инфраструктурни зафати во градот, булеварот „Македонија“.

„Ова е симбол на новото време со кое Скопје се гради и се развива. Работите се реализираа со засилена динамика, често и во ноќните часови - пракса која продолжува и понатаму, како доказ за посветеноста и одлучноста овој град да се менува со конкретни дела. Проектот, кој со години беше оставен во застој, денес добива јасна насока, временска рамка и силна визија за современ урбан развој“, истакна Ѓорѓиевски.

Иако подземната сообраќајница како дел од третата фаза е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција зависи од комплетирањето на сите фази, процес кој Ѓорѓиевски порача дека веќе е во полн ек.

„Во рамки на првата фаза се изврши реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти, со што значително се подобрува проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ кој се поврзува со следните фази од трасата. Улицата „Пролет“ е проширена со дополнителна коловозна лента на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, додека раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови, решенија што значително ја зголемуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот“, објаснува градоначалникот.

Во наредните фази следува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“. Паралелно, се работи и на атмосферската канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници.

Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти, од кои четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и со пешачки патеки.

„Со нејзиното ставање во функција се очекува значително намалување на метежот за 33%, побрзо движење низ централното градско подрачје и создавање побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор. Се заблагодарувам на жителите на Скопје за трпението и разбирањето денес, поради затворањето на оваа улица, чија изградба денес успешно се завршува“, нагласи Ѓорѓиевски.