Крадењето скапи и луксузни возила и натаму е приматот на криминалните банди во државава и соседството.

Така во последно време во тренд се кражбите на малите возила, кои по кражбата завршуваат на автопазарите во делови, од кои пак криминалците имаат солидна заработувачка. За кражбите на возила кои според законот спаѓаат во категоријата на тешки кражби и се само една алка во синџирот на организираниот криминал, не постои прецизна бројка колку автомобили се украдени и каде тие завршуваат. Најчесто се крадат автомобили од марките"ауди""голф", но неретко на удар се и џипови.

Според полициската статистика, изминативе години, најмногу се краде во Скопје. Крадците најчесто оперираат на паркиралиштата. Украдените автомобили најбрзо се "извезуваат" во соседството, односно во Косово и во Албанија.

Украдените автомобили често ја минуваат границата откако ќе бидат и "дотерани". Дел од возилата ја напуштаат државава откако ќе бидат бојосани, а на на дел од нив им се фалсификува шасијата. За крадците не постои автомобил што не може да биде отворен. Полицијата порано се почесто бележеше кражби извршени со т.н. " пинг-понг техника". Овој метод се употребува за нечујно отворање на вратите. Со топчето се фиксира бравата, а потоа со силен удар се внесува компресија на воздух, кој го отвора централниот систем за отворање, односно затворање. За крадците и осовременување на технологијата не претставува пречка, велат од полицијата. Инспекторите, пак, за тешките кражби велат дека најприменуван начин е сечењето на фаровите.

Крадците најпрво го сечат трепкачот, а потоа со апарат за електро-шок се предизвикува краток спој по што се онеспособува алармот и централната брава. Возилата кои на каков било начин се одземени од сопствениците завршуваат во скопско Арачиново. Пософистициран начин на кражба на автомобили е кражба на возило кое претходно е осигурано во осигурителна компанија. Вакви случаи во полициската статистика постојат многу.

Полицијата има сознанија дека автомобилите се продадени, а нив сопствениците ги пријавуваат како украдени, по што на сопственикот на возилото осигурителната компанија му исплаќа пари. Вакви случаи неколку години беа честа појава во Бугарија, кога најчесто страдаа службени возила. Осигурителните компании и полицијата тешко ги откриваат ваквите случаи. Но маките на граѓаните не претставуваат само крадците. Многу често се случува да се купи украдено возило, а маките да бидат уште поголеми по автомобилот да трага и Интерпол.

Пред неколку години кога во државава имаше експанзија на возила со странски таблички, најчесто бугарски, полицијата имаше полни раце работа. Некои од сопствениците беа изненадени од ујдурмите со украдени возила оти најчесто за автомобилите постоеле документи кои биле фалсификувани, односно крадени во Западна Европа.