Се јави инвеститорот кај „Холидеј ин“, ветува чуда - таму нема да никнат висококатници, туку „зелен“ станбен и деловен центар

Инвеститорот Зоран Антиќ, кој ја купи паркинг-парцелата во строгиот центар на Скопје зад ГТЦ односно спроти хотелот „Холидеј Ин“ за Слободен печат вели дека таму нема да никнат висококатници, туку „зелен“ станбен и деловен центар. Сепак вели дека највисоката зграда сака да биде во висина од 30 ката, а ќе има и други згради по рабовите на површината.

Бизнисменот вели дека се работи за галерија пониска од сегашниот ГТЦ, чиј цел покрив ќе биде градина, огромен подземен паркинг на два ката, модерен и урбанизиран кеј, мала „турска“ чаршија, фонтана како Порта Нова во Милано, една кула од 30 ката што ќе го носи името на Кензо Танге и неколку помали згради на рабовите на парцелата, сите опкружени со зеленило.

– Јас го изградив „Сити мол“. Сум градел многу згради и верувајте, оваа парцела, на чие окрупнување работам практично од 2010 година, не ја замислувам како група од бетонски облакодери, туку како нов центар на градот. Со сите овие градби што никнаа во последните години, Скопје го изгуби својот центар. Мојата идеја е сега да изградам еден нов, модерен и зелен центар на градот, со кој ќе се гордееме сите – изјави Антиќ.

Ќе има и мост над улицата пред „Холидеј ин“ и уреден кеј од 20.000 метри квадратни.

– Освен тоа, имам идеја тука некаде да подигнеме и една нова, мала но вкусно уредена „турска“ чаршија, која на некој начин ќе „комуницира“ со Стара скопска чаршија, уште едно битно обележје на градот. Средиште на социјалниот живот треба да биде фонтана по примерот на Порта Нова во Милано – вели Антиќ.