Се гради современа претоварна станица за отпад

Јавното претпријатие „Kомунална хигиена“ во Вардариште ќе гради претоварна станица за отпад, каде што веќе е завршена изградбата на вториот рециклажен двор. Трансфер-центарот, како што го нарекуваат, ќе го гради фирмата „Ју Бај 2 Амет“ од скопското село Бојане, а ќе се состои од четири прес-контејнери со капацитет од 32 кубни метра.

Kако што објасни Добре Босилковски, помошник на директорот за финансиско-правни работи во „Kомунална хигиена“, ова ќе биде првата современа претоварна станица во Скопје и во Македонија.

Според склучениот договор, изградбата на оваа претоварна станица ќе чини 21,5 милион денари, односно околу 350 илјади евра.

Ваква претоварна станица се планира да се гради и во општината Шуто Оризари.

Вториот рециклажен двор во Скопје, по оној во Kарпош, кој исто така се изгради во Вардариште, е готов, а се чека да се вклучи електрична енергија од страна на ЕВН. Потоа тој официјално ќе биде пуштен во употреба.

Постапката за изградба на рециклажниот двор почна лани во септември кога беше избрана фирмата „Ју Бај 2 Амет“ со понуда од 16 милиони денари.Овој рециклажен двор се простира 2.000 квадратни метри и заедно со стационарот за кучиња и претоварната станица ќе претставува една целина под надлежност на „Kомунална хигиена“

Во рециклажниот двор на самиот влез ќе има нагазна вага за мерење на отпадот, кој потоа преку соодветна инфраструктура ќе се носи на мини-сортирачка автоматска линија за доселектирање. Таму ќе се двои ПЕТ-амбалажата, хартија, лименки и стакло и потоа отпадот ќе балира на преса, ќе се пакува и ќе биде даден во продажба.

За граѓаните овој рециклажен двор е битен затоа што таму ќе има специјални садови каде што бесплатно ќе може да одлагаат бела техника, како и кабаст отпад.

Моментно претпријатието „Kомунална хигиена“ располага со подвижни претоварни станици на повеќе локации - Kисела Вода, Ѓорче Петров, Kарпош и Чаир.