Се гради пешачко-рекреативната патека во општина Илинден (фото)

Со асфалтирање и поставување на хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, во Општина Илинден, на потегот Марино-Кадино, продолжува интензивната изградба на пешачко-рекреативната патека во должина од 2.000 метри.

Покрај пешачката патека, се гради велосипедска патека, патека за ролерки и скејтборди, во чии рамки ќе бидат поставени и реквизити за спортување и рекреација, урбана опрема, а ќе се изврши и уредување на зелените површини во должина на патеката. Паралелно со ова ќе биде извршено и осветлување на патеката.

Меѓу пешачката и велосипедската патека изграден е одводен канал за зафаќање на атмосферските води од патеките, а на одредени места изградени се и патеки со широчина од 2 метра кои овозможуваат врска меѓу пешачката и велосипедската патека.

Вкупната вредност на проектот е 30 милиони денари, од кои 12 милиони денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, а преостанатите 18 милиони денари се од Буџетот на Општина Илинден.

Со новата патека која што ги поврзува населeните места Марино и Кадино, кои што вкупно бројат повеќе од 10.000 жители, се создаваат нови можности за рекреација, комуникација, заедничко дружење и рекреативен спорт. Истовремено, со реализацијата на овој капитален проект се придонесува за поголема безбедноста на учесниците во сообраќајот, особено на пешаците, како и поголема безбедност на децата од училишна возраст кои се движат од зоните на домување кон детската градинка, основното и средното училиште.