Се гради нова градинка во општина Кисела Вода

Градоначаникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи информираше дека во населбата Потстаница се одвиваат интензивни градежни активности за целосна реконструкција на објектот кој ќе биде првата детска градинка во овој дел од Кисела Вода.

„Станува збор за стар објект кој, со одлука на Владата на Република Македонија, беше правно преземен од ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци - Скопје и даден на трајно користење на Општина Кисела Вода. Реконструкцијата опфаќа темелни зафати – од кровната конструкција, преку подните конструкции, до енергетски ефикасната фасада – со што ќе се создаде модерен и безбеден простор на 222 квадратни метри, за околу 80 дечиња“, напиша Ѓорѓиевски.

Според него ова е од големо значење зошто за прв пат се отвора градинка во населбата Потстаница и која родителите од овој дел на општината со нетрпение ја очекуваат, како можност нивните деца да растат и да се развиваат во современи услови. Овој објект, ќе се претвори во модерен простор за околу 80 дечиња, каде што тие ќе можат безгрижно да растат и да се социјализираат.

„Кога станав градоначалник, на листата на чекање за упис во градинка имаше околу 450 деца. Денес, тој број е сведeн на триесетина. Но, не застануваме тука - моментално активно работиме на изградба на уште две градинки: во Расадник и во „Верверичка“, во близина на Општината. Со оваа и со сите претходни инвестиции, во последниве три години работевме на изградба и проширување на вкупно девет градинки. Со завршувањето на градинките што се во изградба, целосно ќе ги затвориме овие листи. Ова е мојата стратегија како градоначалник - да обезбедиме во Кисела Вода да има место во градинка за секое дете“, напиша Ѓорѓиевски.