Се граделе улици, тротоари, водоводи, плоштади - Град Скопје даде отчет на што во 2017 година се трошеле парите на граѓаните

Град Скопје успеал минатата година да ги натфрли планираните приходи собрани од надоместоци за уредување на градежно земјиште за скромни 3 проценти.

Па така, место планирани 21,7 милиони евра. Градот успеал да собере 22,34 милиони евра, а нешто повеќе од половината од овие средства биле искористени за реализација на објекти од комуналната инфраструктура, но и за изградба и реконструкција на улици и патишта.

Неодамна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека речиси ниту еден проект за реконструкција или изведба на улица не е со комплетна документација.

– Кога зборуваме за сообраќајните проблеми, морам покрај оној со недостаток на планска документација, да посочам и на проблемот со документационо нерегулираните изведбени решенија на тековните проекти, како и на проблемите што произлегуваат со експроприрањето на имотите, што се на трасата на изведба на сообраќајни решенија од Генералниот урбанистички план – вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Според Извештајот за реализација на Програмата за уредување на градежно земјиште, за 2017 година биле изготвени 14 барања за изработка на проекти, а издадени само 5 одобренија за градење. Биле изготвени 21 геодетски елаборат и биле покренати и спроведени 7 постапки за расчистување на земјиштето.

– Во рамките на опремувањето на градежните парцели со објекти од комунална инфраструктура, изведени се 2.122 метри водоводна мрежа и 4.757 фекална и 8.974 метри атмосферска канализација. Поставена е и нисконапонска електрична мрежа во должина од 29.718 метри – стои во извештајот.

Што се однесува до уличната мрежа, во текот на 2017 година изградените се и/или асфалтирани со тротоари вкупно 67.840 квадратни метри, а само со бехатон коцки се поплочени вкупно 16.921 квадрати. За изработка на проекти за изградба на улици и патишта биле потрошени околу 26.000 евра иако на Градот за оваа намена на располагање им биле 32.000 евра. Проекти се направени за реконструкција на улицата “Димо Хаџи Димов” од раскрсницата со улица “Антон Попов” до улица “Народни херои”. Проект има и за реконструкција на улица “Антон Попов” од раскрсницата со улица “Павел Шатев” до улица “Димо Хаџи Димов”.

За голем процент од реализираните проекти за улици и патишта, покрај асфалтирањето паралелно се решавани проблемите со фекална и атмосферска канализација, но и на велосипедските патеки.

Дел од средствата во градската каса се употребени и за реконструкција на автобуски стојалишта кај Соборен Храм, кај Порта Буњаковец и истоимениот трговски центар, како и пред Градежниот факултет и кај спортската сала во Автокоманда. Пари се искористени и за одржување на плоштадот на ВМРО, за поставување на коцки на плоштадот Пресвета Богородица, како и за дозавршување на подни орнаменти од гранитни коцки на плоштадот Македонија.

Од Град Скопје информираат и дека од наплата на надоместокот за легализација на дивоградби во текот на 2017 година собрале 2,4 милиони евра, иако биле планирани вкупно 200 милиони денари (3,25 милиони евра).