Се градат 4 нови пешачки мостови во општина Илинден (фото)

Општина Илинден продолжи со реализација на капиталниот проект „Изградба и санација на 10 мостови“, во рамките на кој почнаа да се градат четири нови пешачки мостови.

Мостовите со должина од 14 метри и широчина од три метри се градат над Главниот отворен одводен канал, и тоа два моста во населба Илинден (едниот ги поврзува ул. „9“ и ул „8“, а другиот ул.„535“ со ул.„500“) и два во населеното место Марино (со едниот се поврзува ул.„534“ со ул. „532“, а со вториот локалитетот Спортски центар се поврзува со ул.„531“).

Од општина Илинден информираат дека вкупната инвестиција за изградбата на четирите мостови изнесува 12 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет.

Проектот „10 Мостови“ обезбедува изградба и санација на 10 надвозници и мостови со што се обезбедува подобра и побезбедна комуникација, значително се олеснува движењето и се придонесува за подобрување на условите за квалитетен живот на населението.

Покрај овие четири мостови, во општина Илинден во тек се градежни активности за изградба на уште три мостови и тоа еден сообраќаен во н.м. Мралино и два пешачки во населените места Миладиновци и Бујковци.

Новиот армирано бетонски плочест мост во Мралино, се гради на местото на стариот и дотраен руиниран премин кој што го попречуваше нормалниот проток на атмосферски води од постоечкиот канал и беше пречка за нормалното одвивање на сообраќајот.

Во населено место Миладиновци во тек е изградба на пешачки мост над Сува река за поврзување на ул. „5“ со ул. „2“, а нов мост се гради и на местото на стариот и дотраен руиниран премин кој се наоѓаше пред Домот на култура „Бујковци“.