Се е спремно за слониците Дуња и Даела - ќе живеат во простор од околу 600 метри квадратни

Се е спремно за топло добредојде на слониците од Белгија, Дуња и Даела. Во нивното живеалиште деновиве се довршуваат уште некои поситни работи, но до септември за кога е одложено нивното доаѓање се ќе биде готово, пренесува Вечер

Двете слоници ќе живеат во простор од околу 600 метри квадратни, ќе имаат свој базен, песок во живеалиштето, топки за да се занимаваат. Зиме ќе се греат на пелети, обезбедена е доволна светлина на просторот и влажност на воздухот. Има и платформа од која посетителите ќе го гледаат слонот. Има опција и за одвојување на слоновите, направени се две одвоени парцели во случај ако во иднина се донесат уште слонови кои треба да бидат одвоени. Оградата е заштитена со ниска струја.

За разлика од условите во кои живееше слонот во живеалиштето од пред дваесетина години, новото живеалиште наликува на вистинска палата. Од Скопската зоолошка велат дека за да може да добијат животно право мора да е изградено живеалиште кое ќе задоволува минимум стандарди.

– Живеалиштето е готово, но поради топлините транспортот беше доведен во прашање и решивме да се одложи. Овие живеалишта се градат по минимум стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми кај што ние сме кандидати 7 години. Минимум стандарди за еден слон предвидуваат 10 на 10 метри соба кај што ќе живее. Заедничкиот простор каде што слонот треба да престојува преку ден минимум треба да биде околу 500 метри квадратни. Ако не ги исполнуваме овие стандарди слон нема да ни дојде во Зоолошка. Од Асоцијацијата доаѓаат пред да се донесат животните и проверуваат дали се исполнети стандардите, ако нешто недостига нема да го испратат животното, вели биологот Јордан Милошевски, во изјава за Вечер. 

Живеалиштето на слоновите чини 400.000 евра, а парите се донација од Владата и Град Скопје. Први соседи на Дуња и Даела ќе бидат шимпанзото Коко и неговите тројца пријатели кои ќе пристигнат од Холандија. И нивното живеалиште е веќе готово и чини 250.000 евра. Од другата страна е сместено живеалиштето на тигрите.

Една од слониците е 48 години, додека другата е 30. Слоновите живеат од 60 до 70 години кога се смета дека се влезени во старосна доба. Од Зоолошката појаснуваат дека секоја зоолошка си има листа на достапни животни кои може да ги даде и листа кои ги бара.

-Секое животно си има свој координатор за одреден вид на животно. На пример, има координатор за жирафи и тој знае во овој момент секоја зоолошка градина во Европа каде и колку има жирафи колку женски колку млади, кога треба да се роди младо и се прави план, вели Милошевски.

Од ЗОО Скопје најавуваат дека се во план да донесат уште животни од други зоолошки. Се планира да се донесе видра, мажјак на јагуарот, нови видови на мајмуни, морски лав женка. Од нашата зоолошка пак најчесто се бараат белоглавите мршојади кои ги имаме подарено на зоолошките во Загреб и Љубљана.