Се доградува градинката „Морковче“ во Јурумлери

Градинката „Морковче“ во Јурумлери ќе биде проширена. Нашата цел е да се намали бројот на деца кои се на листата на чекање и родителите без проблем да ги запишуваат своите деца во градинка. Ова го најави градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски кој присуствуваше на почетокот на доградбата на градинката.

Како што соопшти општина Гази Баба, градинката „Морковче“ е изградена во 2012 година и уште од почетокот не ги задоволуваше капацитети и токму затоа ќе се доградува дополнително уште една занимална. Издвоени се 2 милиони и 570 илјади денари, а со 500 илјади денари ќе биде опремена, средства одвоени од буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Оваа просторија ќе обезбеди сместување за уште плус 20 деца. Доградбата се очекува да биде готова до крајот на март годинава.

– Работиме на реконструкција на градинката „Калинка“, лоцирана во населба Железара каде ќе се добијат три нови занимални кои ќе отворат место за плус 60 деца. Во оваа градинка ќе има и втора смена. Почнавме со изградба на целосно нова градинка во Стајковци, каде ќе се згрижат вкупно 140 деца. Во текот на оваа година ќе почнеме и постапка за подготовка на проектна документација за изградба на сосема нови објекти во Трубарево, Синѓелиќ, Ќерамидница и Инџиково, кои ќе се реализираат во иднина, рече Георгиевски.

Тој додаде дека со проширување на постоечките капацитети и изградба на новите градинки го зголемуваат капацитетот во градинките за нови 220 деца.