Се договорија ли во Вреди? Сали, Хоџа и Бакиу предлози за министри, Алиу ќе „директорува“

По неколку недели разговори, во Вреди конечно паднал договор за распределба на министерските позиции.

Беким Сали прв вицепремиер и министер за евроинтеграции, Мухамед Хоџа министер за животна средина, Орхан Муртезани амбасадор во Брисел и Башким Бакиу нов министер за здравство на местото на Азир Алиу кој пак, ќе биде директор на Агенцијата за електронски комуникации. Ова ќе биде понудата на Вреди до премиерот Христијан Мицкоски за пополнување на испразнетите места во Владата по локалните избори откако Изет Меџити стана градоначалник на Чаир, пренесува „Слободен печат“, наведувајќи дека информациите за нив ги потврдиле високи функционери на Вреди.

 Ако премиерот ги потврди новите кадровски решенија, се очекува до крајот на неделата предлозите за нови министри да влезат во собраниска процедура.

Како што пишува Слободен печат, планот првично бил пратеникот од Алтернатива, Сали да биде прв вицепремиер за добро владеење, а вицепремиерот Арбен Фетаи да биде министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани. Муртезани пак, според таа комбинација требало да стане заменик министер за одбрана, место испразнето откако Арбен Таравари и дел од Алијанса за Албанците излезе од Владата. Поранешниот портпарол на владата на Димитар Ковачевски, Мухамед Хоџа, уште од почеток на разговорите бил во игра за нов министер за животна средина, заедно со Недим Рама од кабинетот на Меџити. Најголемо изненадување е дека Башким Бакиу, директор на Заедничките служби при Клиничкиот центар е предлог за нов министер за здравство на местото на актуелниот Азир Алиу, кој на оваа позиција беше само пет месеци.