Сè додека во Македонија имаме саатнина на африканско ниво, секој ќе се радува на час повеќе работа, вели д-р Беќаровски

Доктор Нико Беќаровски реагираше на темата која е актуелна деновиве, а таа е за работниците на коридорите кои ќе работат по 60 часа неделно.

-Овие денови оваа тема е главна на сите медиуми. Сите се згрозени од леснотијата со која ќе се скрати повторно едно од основните работнички права 40-часовна работна недела.

Но дали тоа право токму сега и поради желбите и интересите на американските капиталисти од „Бехтел и Енка“ ќе се скрши или веќе е честа пракса?

Ги знам состојбите во многу други дејности, но ќе се задржам само на јавниот здравствен сектор, каде всушност и работам.

Дали знаете дека секој здравствен работник кој има само едно викенд дежурство во неделата има работна недела од 56 часа?

Дали знаете дека секој здравствен работник кој има едно седмично и едно викенд дежурство има работна недела од 72 часа?

Почитувани мои постојат неколку причини зошто молчиме. Првата и основна има многу Клиники и болници каде ако не се дежура вака често, работниот процес не ќе може да се одвива 24/7 иако прашање на ден е кога и тоа ќе се случи.

Молчиме бидејќи дежурства се платени и мора да се каже пристојно за македонски услови, но никој од нас не би дежурал кога основната плата би била пристојна, достојна за спокоен живот.  Крвав е секој заработен денар од дежурство од ноќна смена, но дефектите на ова наше општество нѐ тераат да дежураме и да ќутиме, дури да се радуваме на секое дежурство, за да не се срамиме пред нашите деца, сопруги.

Синдромот на „burn out“ оддамна е наша дијагноза, но ќутиме и дежураме, надевајќи се дека ќе дојде денот кога со 40 ЧАСОВНА работна недела ќе ни се овозможи пристојна егзистенција. Можете да претпоставите каков е квалитетот на прегледот кој ќе Ви го овозможи доктор кој веќе работел 71 час во таа недела? За љубезност воопшто да не дискутираме. Дел од грешките се токму резултат на овој хроничен замор и континуирано не спиење во ноќните часови.

Во мојот досегашен стаж околу 2.000 ноќи (или 6 години) сум ги поминал во ординација и во овие години кога мајка ми веќе беше пензиониран во „тој трулиот систем и општество“, а јас сум принуден и понатаму да дежурам.

Знаете ли дека изминатиов викенд стотици мои драги колеги од Бугарија одлетаа низ сите европски дестинации за да дежураат по 48 часа наместо нивните западни колеги, кои одлетаа некаде да го прослават Велигден. Одлетаа бидејќи и таму како и ваму со редовната и поштена 40-часовна работна недела може да се води само крпен живот.

Скандинавија воведе 36 часовна недела и никој не сака да работи повеќе, бидејќи саатнината овозможува повеќе од пристоен живот. Прекувремено работат само дојденците од Балканот, за да можат следното лето да се покажат пред своите роднини, дека успеале.

Сè додека во Македонија имаме саатнина на африканско ниво, секој ќе се радува на саат повеќе работа, па макар и на штета на сопственото здравје. Времето во кое 8 часа работевме, 8 часа се забавувавме и 8 часа спиевме го погребавме заедно со Социјалистичка во префиксот, пишува д-р Беќаровски на Фејсбук.