Се делат 500 бесплатни стрипови во „Бункер“

Петстотини бесплатни стрипови се делат денеска во стрип книжарницата „Бункер“ во Скопје.

Настанот е започнат од 10 часот и ќе трае додека не се потрошат количините.

Ваква иницијатива за првпат се одржала во САД во 2002 година, а потоа се проширила во многу други земји низ светот.

-Во првите шест години се поделени повеќе од 12 милиони стрипови во над 30 земји. Целта е промовирање и ширење на стрип културата. Бројката на бесплатни стрипови кои ќе се поделат расте, бидејќи во акцијата се вклучуваат голем број домашни издавачи и поединци - велат во „Бункер“.

„Прв дојде, прв услужен“ е начинот на кој се делат стриповите. Секој има право да земе најмногу два стрипови.