„СЕ ДАВИМЕ, ПОМАГАЈТЕ“: Две години од невремето што однесе 22 животи

Поплавени сме, помош... Така приближно гласеше кратката објава што осамна на Твитер во саботата навечер на 6 август 2016 година. Тогаш македонската јавност сè уште немаше претстава колкава трагедија се случува во близината на Скопје. 

Дождот почна околу 17 часот и продолжи да лие во следните три-четири часа. Сепак, првите реакции дека нешто сериозно се случува се појавија после 21 часот. Поројот што тргна од Скопска Црна Гора се претвори во разулавена река, која ја поплави обиколницата и однесе дел од асфалтот сосе возилата на коловозот. Обилните врнежи дожд предизвикаа катастрофални штети во Скопскиот Регион, поточно во Синѓелиќ, Стајковци, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански Пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Шипковица.

Сепак, истата вечер, освен за уништените автомобили, улици, домови, се појавија и информации за загинати. На социјалните мрежи прво проструи информација дека една жена се удавила на обиколницата. Кобните сознанија дојдоа следниот ден. Пристигнаа информации за четворица, па за петмина, па за десетмина загинати. Конечната бројка, за која денес се знае, е дека во невремето загинаа 22 лица.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

– Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години. Вака УХМР го објасни тогаш невремето што ја погоди Скопската котлина. 

Под мотото „Да не се заборави и никогаш да не се повтори“, градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, вечер на плоштадот во Стајковци ќе додели повеќе од 200 благодарници на институции, јавни претпријатија, фирми, здруженија, на граѓани и волонтери кои доброволно помогнаа за време на поплавите.