Се чисти парк-шумата Водно, подигнати два камиони со отпад

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ја чистат Парк-шумата Водно.

-Интензивно се кастрат гранките и дивите избојци од двете страни на патот од Панорама до врвот на Водно. Истовремено се расчистуваат ѓубриштата и насобраниот смет кој се собира во вреќи, се изнесува и транспортира, информираат надлежните. 

Само за време на изминатиот викенд од Водно биле подигнати два камиони со смет кој посетителите го оставале зад себе. 

-Повторно апелираме до граѓаните да ја чуваат животната средина и да се однесуваат одговорно при посетата на излетничките места . Замолуваме посетителите да не ги фрлаат отпадоците во природа туку да ги понесат со себе и да ги фрлат во најблискиот контејнер. Да го зачуваме Водно чисто и убаво! - го повторија надлежните апелот.