Скопје се чисти постојано, а сепак е полно со смет! Вака реагираат скопјани на вестите дека надлежните постојано расчитуваат депонии, но очигледно ниската свест кај жителите е на мизерно ниво.
Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 50 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Центар и Чаир, информираа надлежните денеска.
Интервенирано е во непосредната околина на Градскиот стадион, каде што се отстранети 10 кубни метри кабаст и отпад од пет-амбалажа одложени на јавни површини. Во општината Центар се расчистени и приближно 10 кубни метри непрописно одложен мешан комунален отпад од улицата Тодор Александров – на потегот што води кон Средно Водно, како и 15 кубни метри градежен отпад одложен на тревна површина на булеварот Гоце Делчев, пред зградата на МРТВ.
Во општината Чаир, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа приближно 15 кубни метри непрописно одложен градежен и кабаст отпад на булеварот Крсте Мисирков, како и на улицата Ферид Мурат.
Се чистеше и во скопски Центар.
- Чистиме две диви критични депонии под Кале и на крак од „Самоилова“, зад Американската амбасада. И покрај интервенциите, овие локации продолжуваат да се полнат со отпад. Паралелно, вчера беше расчистено и сметиштето во Маџир Маалo на барање на граѓаните, сподели првиот човек на Центар Горан Герасимовски кој упати и апел:
-Секој од нас носи одговорност. Грижете се за својата улица, своето маало, како што се грижите за својот дом. Да го чуваме Центар!
Диви депонии на подрачјето на Центар може да пријавите на телефонскиот број 02 3203 693 или преку веб-страница на општината.