Се чистат сите големи и мали депонии во Општина Аеродром!

Општина Аеродром заедно со ЈП „Комунална хигиена“ неделава  ја започнаа големата акција за чистење на деловите од Општина Аеродром на кои во изминатиот период беше забележана поголема концентрација на отпад. 

Акцијата почна од Долно Лисиче, Горно Лисиче, Населба Лисиче, Ново Лисиче и Реонски центар, а ќе трае во текот на целата недела и ќе ги опфати сите делови на општината. Предвидено е да се чистат сите помали депонии што се создаваат во и околу контејнерите, а претставуваат грда слика за општината.

Истовремено, интензивно се работи на расчистување и на една од најголемите диви депонии во Општина Аеродром лоцирана кај мостот во Долно Лисиче што граничи со Јурумлери. За оваа голема акција се ангажирани голем број сезонски работници, а се користи тешка механизација.

Акцијата ќе продолжи и во наредните денови, при што ќе бидат целосно исчистени сите големи депонии на територијата на Општина Аеродром.

Општината  уште еднаш упатува апел до граѓаните својот кабаст, крупен и друг вид отпад да го оставаат на точно определени локации и притоа да се избегнува фрлање отпад на тревниците и на други јавни површини кои се за други намени.