Се чека судска одлука за рушење на куќата на „Трета Македонска Бригада“

Се чека судска одлука за рушење на куќата на „Трета Македонска Бригада“, бидејќи според имотен лист таа е сопственост на Град Скопје, со што би се комплетирала и завршната втора фаза од градежните работи за проширување и реконструкција на овој булевар, која почна во декември 2015 година.

Втората фаза е изведена на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до улицата „Никола Карев“, во должина од 1.400 метри.

Останува уште отстранувањето на објектот, кој се наоѓа на трасата на овој булевар, а за кој се води судска постапка и се чека одлука од Судот.

Градската власт која беше предводена од поранешниот градоначалник Коце Трајановски, комплетно го смени ликот на „Трета Македонска Бригада“.

Улицата со овие градежни активности доби 4 сообраќајни ленти, по две ленти во секоја насока, велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бекатон-плочки со ширина од 3 метри. Изградена е и средишна разделна жардиниера со широчина од 5 метри, а е поставено и ново осветлување и нова атмосферска канализација.

За овој проект Градот Скопје издвои околу 103 милиони денари.

Претходно, првиот дел од булеварот „Трета македонска бригада“, на потегот од булеварот „Србија“ до улицата „Фрањо Клуз“ беше проширен во 2014 година со должина од 1.243 метри, така што е проширен булеварот во вкупна должина од над 2.600 метри.

Проширувањето на оваа сообраќајница, кое го иницираше поранешниот градоначалник Трајановски, со поддршка на тогашната Влада предводена од Никола Груевски, веќе овозможува побрза сообраќајна комуникација со другите делови од општината и со центарот на градот, а од друга страна ја зголеми и сообраќајната безбедност.