Се блокираат сметки за неколку денари, а фирми должат милиони евра и се уште работат

Управата за јавни приходи долги години не може да наплати огромни долгови од фирми, од кои некои се во стечај.

Листата на должници што неколку години редовно ја објавува секој месец на својата веб страница ја открива тврдокорната неодговорност на некои фирми и граѓани, но и немоќта на даночната управа да се справи со затајувачите на давачки кон државата, како и нејзината тенденција на некои да им прогледа низ прсти.

Ликвидираниот охридски гигант “Охис” долго време е на врвот на листата на должници на УЈП, а се најде и на најновата, за овој месец. Во ликвидација заминал со нерасчистени сметки со државата во висина од 14 милиони евра за неплатен данок на додадена вредност. Побарувања од компанијата имаат и поранешните вработени кои преку адвокат неколку години се обидуваат да ја преземат и да ја оживеат.

Меѓу фирмите познати во јавноста како должници на октомвриската листа се наведени и “Тедико”, “Бујото Инженеринг”, “Пилко”, “Македонска книга”...Но, и поголем број локални комунални претпријатија.

Вкупно за долгови доспеани до крајот на јули, а неплатени до крајот на септември на последниот објавен список на УЈП има 4.105 имиња, од кои 2.043 се на фирми, а 2.062 на граѓани. Вкупниот долг е 158.661.603 евра. Во однос на претходниот месец долгот е намален за 8,5 милиони евра. Бројот на фирми должници е намален за над 2.000, а на граѓани за дваесетина.