Се бараат сметководители, келнери, продавачи, директори - над 7.000 слободни работни места во Агенцијата за вработување

На пазарот на труд во Македонија има 7.116 слободни работни места, од кои најголем дел се во групата „работници во услужни дејности и продажба“. По нив следат работниците од групата „техничари и средни занимања“, па „ракувачи и составувачи на машини“. Има слободни работни места и за службеници.

Се бараат разни видови на профили на работници, со различен степен на образование, стручност, искуство и во разни стопански и нестопански дејности, од страна на компании кои се лоцирани во различни региони и општини во државата. Финансиски службеници, комерцијалисти, наставници, сметководители, но и возачи, келнери, шивачи, работници во производство, обезбедувачи се само дел од профилите на кадар за кој се објавени огласи од страна на македонските деловни и неделовни субјекти.

Сите овие огласи се јавни и видливи и секое заинтересирано лице може да ги види на веб страната на АВРМ – аврм.гов.мк што претставува исклучително корисна платформа преку која значително се овозможува доближување на понудата и побарувачката на работа.

На оваа веб страна постојано се ажурираат податоците и граѓаните преку неа може да се запознаат со сите слободни работни места за кои се распишани огласи од страна на компаниите за нивно пополнување и е добра можност за лицата кои се невработени или пак кои бараат работа детално да се запознаат со моменталната состојба на пазарот на труд и доколку ги исполнуваат предвидените услови да аплицираат на истите.