
20-годишник од тетовското село Голема Речица е осомничен за компјутерски измами, злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија. Основното јавно обвинителство Тетово поведе истражна постапка и побара од судот да му определи притвор.
Според Обвинителството, осомничениот во периодот од 2025 до 2026 година администрирал нелегална група на апликацијата „Телеграм“, преку која нудел услуги и софтверски алатки за измами поврзани со незаконско враќање парични средства.
Тој е осомничен и дека управувал со домејни и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која функционирала како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела.
„Во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни податоци на жртви – физички и правни лица“, соопштуваат од Јавното обвинителство.
При претрес извршен со судска наредба, кај осомничениот биле одземени два мобилни телефони. Во скриена папка на еден од нив биле пронајдени 29 видеа со експлицитна содржина на полови дејствија меѓу возрасни лица и деца, поради што му се става на товар и кривично дело поврзано со детска порнографија.
Од Обвинителството наведуваат дека предлогот за притвор е доставен поради опасност од бегство и можност осомничениот да продолжи со вршење кривични дела.
Истрагата треба да ги утврди сите околности и евентуалната поврзаност на осомничениот со други лица кои ја користеле нелегалната платформа.